Почетна / Вести Македонија / Наместо свежо млеко, пиеме кондензирано

Наместо свежо млеко, пиеме кондензирано

Млекарниците во државава бараат зголемен увоз на евапорирано млеко од земјите во Европската Унија бидејќи свежо млеко на пазарот нема.

Евапорираното или кондензирано млеко не е млеко во прав, туку згуснато млеко, од кое е извадено околу 60 отсто од водата, а се користи за преработка на млечни производи. Од млекарниците велат ваквото дехидратизирано млеко не е со намален нутритивен квалитет, туку им овозможува да го надополнуваат дефицитот на домашно млеко и да ги намалуваат трошоците за транспорт на увезена суровина. Дека има недостиг на суровина, потврдуваат и од Агенцијата за храна и ветеринарство. Од таму велат дека токму поради намаленото домашно производство млекарниците работат со намален капацитет. Барањето за зголемен увоз од страна на млекарниците не го коментираат.

– Точно е дека во моментов има недостиг на свежо млеко на пазарот и млекарниците бараат килограм повеќе за откуп. Причината е, најверојатно, намалената продукција – вели Дејан Рунтевски, директор на Агенцијата за храна.

Од битолската млекарница велат дека не бараат да се зголемат количествата на увезен евапорат, туку бараат тој да може да се увезува без пречки, посебно во сезоните на намалено домашно производство на суровина, во текот на есента и зимата.

– Недостигот на квалитетно сурово млеко во Македонија не е новина, тој проблем се провлекува со години. Посебно во сезоните кога постои поголем дефицит на домашно млеко, може да се премине кон увоз на висококвалитетно евапорирано млеко, пред с`, поради сезонските варијации во млекопроизводството и набавката на домашна суровина – вели Златко Најдовски, генерален директор на битолската млекарница.

Во интерес на зголемување на домашното млекопроизводство, од „Бимилк“ велат дека уште од пред две години почнале со проектот на увоз на високостелни јуници од ЕУ. Проектот ќе продолжи и во следните две години, со што се очекува во иднина да се надмине дефицитот на квалитетно домашно млеко. Само за годинава од млекарницата велат дека се регистрирани 7 проценти раст во производството на домашно сурово млеко во однос на претходните години.

Живко Радевски, поранешен директор на битолската млекарница, кој сега отвори своја фабрика за преработка на млеко и млечни производи, вели дека кон проблемов треба да се пристапи сериозно зашто континуиран увоз може да го уништи домашното млекопроизводство.

– Во нашата млекарница дневно откупуваме по 12 тони домашно млеко од фарми во Битолско каде што хигиената е на високо ниво. Малекопроизводството се уништуваше со години. Во изминатите периоди имаше млекарници што доцнеа со исплатата на откупеното млеко, тоа придонесе дел од сточарите да се откажуваат од овој бизнис. Ова е сериозен проблем и бара сериозен пристап – вели Радевски.

Од битолската млекарница уште минатата година соопштија дека увезуваат евапорирано млеко. Тогаш Слободан Петровиќ, претставник на „Данубе фудс“, во чија сопственост е и битолската млекарница, тврдеше дека увезените количества евапорирано млеко се мали.

– Откупот на сурово млеко во Македонија е меѓу 80 и 100 илјади литри на ден. Ние повремено увезуваме евапорат една цистерна неделно или на две недели. Значи, на 100 илјади литри дневно откупено млеко, увезуваме 20 илјади литри евапорат неделно. Не е тоа големо количество. Во Грција 80 проценти од суровото млеко е евапорат набавен од ЕУ – рече Петровиќ.

Според експертите, годишната продукција на млеко во Македонија едвај достигнува 3.000 литри од крава. Моменталната цена на млекото е од 18 до 20 денари. Според официјалните статистички податоци, македонските сточари во 2011 година произвеле околу 394 милиони литри млеко. Но, ако се знае дека лани сме потрошиле околу 40 милиони евра за увоз на млеко и на преработки од млеко, не е тешко да се сфати дека Македонија има голем недостиг од овој прехранбен производ.

Секоја година расте увозот

Според последните податоци на Агенцијата за храна и ветеринарство, минатата година има зголемување на увозот на млеко за речиси 7 проценти во однос на 2011 година. Увезени се околу 40.000 тони млеко и производи од млеко, а половина од количеството или 20.360 тони е млеко. Споредено со 2010 година, пак, ланскиот увоз бил поголем за цели 15 проценти. Најголемо количество млеко се увезува од Босна и Херцеговина, и тоа речиси 51 отсто од увозот. По неа е Србија, со 32 отсто, и Хрватска со 13 проценти.

Ниски откупни цени

Фармерите велат дека млечната криза е последица на ниските откупни цени на млекото.

– Откупната цена за еден литар се движи од 18 до 21 денари, што е премалку и не ја достигнува ни цената за еден килограм концентрат од 22 денара. Сеното, сламата и луцерката имаат исто така зголемени цени. Млекопроизводството стагнира. Не се решава проблемот само со увоз на јуници што тука доаѓаат по високи цени, туку со зголемување на откупната цена, која минимум треба да биде 25 денари за еден литар – вели сточарот Ќани Џезари.

Валентина Ангеловска, Жанета Здравковска


Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …