Почетна / Вести Македонија / Меленото месо ќе стане поскапа смеса

Меленото месо ќе стане поскапа смеса

Месарниците се подготвени за производство според новите стандарди кои ќе се применуваат од крајот на месецов, а смесите што ќе ги подготвуваат ќе бидат со различен состав и со цени прилагодени за сечиј вид, но повисоки од цената на сегашното мелено месо.

Новиот правилник за квалитет на месото ќе го поскапи меленото месо кое сега е најбарано поради ниската цена, најавуваат месарите. Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), пак велат дека со новите правила ќе јадеме мелено подготвено само од чисто месо.

Според најавите од АХВ, Правилникот ќе почне да се применува од крајот на месецов.
Новина што ќе се воведе со него е тоа што меленото месо веќе нема да се продава рефус, туку ќе се меле од избрано парче пред купувачот. Исто така, ќе можат да го подготвуваат и производни капацитети под строго контролирани услови со посебно одобрение од АХВ и на него ќе мора да има декларација за составот.
– Приоритет на Агенцијата за храна и ветеринарство е безбедноста на храната, а со новиот Правилник за барањата во однос на квалитетот на меленото месо, подготовките од месо и производите од месо, ќе се обезбеди рамноправна положба на пазарот на производителите на месо, месните подготовки и производи од месо, како и поголема заштита на потрошувачите од аспект на квалитетот. Од аспект на безбедноста и досега потрошувачите консумираа безбедна храна кога станува збор за мелено месо и подготовки од месо, но, со новите правила ќе се елиминира можноста за манипулации, меленото месо не секогаш да се подготвува од чисто месо – информираат од АХВ.

Според Агенцијата, новиот Правилник е правен во соработка со бизнис-секторот, според светските новини во технологијата на производство на вакви производи, а повеќето месари велат дека се подготвени да го применуваат. Од МИК “Свети Николе” информираат дека уште денес би можеле да почнат да продаваат според новите стандарди, но за меленото месо велат дека ќе мора да поскапи. Тоа што ќе се меле пред купувачот ќе чини колку парчето месо што ќе се сомеле. Во месарниците на МИК сега килограм мелено месо чини 220 денари, додека килограм свинско, јунешко и друго месо кое може да се меле надминува 300 денари. Исто така, овој производител на месо во својата фабрика во Свети Николе веќе има опрема за подготовка на мелено месо. И тоа ќе биде поскапо од сега, но како што велат одговорните во фирмата, на купувачите ќе им се даде можност да бираат според џебот.
– Така, подготвеното месо во нашата фабрика ќе се вика смеса. Ќе понудиме повеќе видови смеса и таа ќе мора да биде поскапа од меленото месо што сега го продаваме во нашите објекти. Но, цените на различни смеси ќе бидат различни, ќе одиме на тоа да ги прилагодиме на потрошувачите. На смесите ќе има и декларација за составот – велат во МИК “Свети Николе”.
Преку декларацијата која задолжително треба да стои на меленото месо и подготовките од месо, објаснуваат од АХВ, потрошувачите соодветно ќе бидат информирани за тоа каков квалитет на месо купуваат, односно дали за цената која ја плаќаат, добиваат и соодветен квалитет.
– Можноста потрошувачот да купи мелено месо од парче кое самиот ќе го одбере и кое ќе се сомеле пред него, како и да го набави од специјализирани објекти за производство на мелено месо и на подготовки од месо, под строго контролирани услови, за што ќе треба да се добие посебно одобрение од Агенцијата за храна и ветеринарство, е гаранција плус и за безбедноста и за квалитетот на овие производи – сметаат во Агенцијата.

Новиот Правилник воведува новини и за свежото, разладеното и замрзнатото месо. Сите продажни објекти и кланици во Македонија добиваат обврска да продаваат свежо, разладено и смрзнато месо со декларација на која точно ќе бидат назначени земјата на потекло, рокот на траење, нето-тежината, местото на обработка и условите на складирање. На декларацијата на увезеното месо треба да пишува каде е родено, одгледано, колку е старо и кога е заклано животното. Исто така, треба да се назначи и кодот на земјата од каде што доаѓа месото и бројот на кланицата.

Месарите смируваат дека за разлика од меленото, поради овие обврски што ги добиваат во врска со декларирањето, нема да го поскапуваат другото месо. Тие информираат дека цената и сега е висока, а за да остварат заработка нема да ја чепкаат цената, туку ќе одат на поголема продажба.

Светлана ВУКЧЕВИЌ


Извор: http://vecer.com.mk/?ItemID=7B16BA2D2DF1944398B5DC4BC2F6BCAE

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …