На царинската испостава Гевгелија привремено се задржани 240 живи бумбари за опрашување на растенија.
Фирма-увозник од Скопје пријавила за увозно царинење 3.600 живи бумбари (60 кутии по 60 бумбари) за опрашување на растенија, но при извршена детална контрола, царинските службеници откриле вишок од 240 бумбари (4 кутии по 60), кои не биле опфатени со царинската декларација и приложените документи.
Непријавените 240 бумбари се одземени и се предадени во надлежност на Агенцијата за управување со одземен имот. Бидејќи се потребни посебни услови за чување, исхрана итн, во тек е постапка на отстапување на бумбарите на надлежна институција – Факултет за земјоделство.
– За увоз на бумбарите неопходна е дозвола од Ветеринарен институт. За пријавените 3.600 сеуште не е обезбедена потребната дозвола, и истите се наоѓаат на ЦИ Гевгелија. По комплетирање на документите, ќе биде спроведена царинската постапка – велат од Царината.
Бумбарите со латинско име Bombus terrestris во Македонија се увезуваат за опрашување на растенија во пластеници за побрз процес на произвотво на зеленчук. Тие се транспортираат во специјални картонски кошници. Во секоја кошница има по 60 бумбари доволна да опрашат еден поголем стакленик. Во минатото, производителите се потпирале на медоносните пчели, рачно опрашување или раст со хемикалии, во зависност од културата. Сите овие методи имаат многу недостатоци, па затоа опрашувањето со бумбари е најприроден и најбрз процес. При увозот потребна е дозвола од Влезен ветеринарен документ за живи животни кое е потребно да се извади при самиот влез во државата.
Извор: http://vecer.com.mk/?ItemID=F779E5F4B32E8848A7CB26EADBF8FF6C