Почетна / Вести Македонија / Македонски и бугарски винари заеднички ќе ја освојуваат Европа

Македонски и бугарски винари заеднички ќе ја освојуваат Европа

Лозарството и винарството во Македонија имаат одличен потенцијал, кој досега недоволно се користи, а двете соседни земји, и покрај сличните состојби и проблеми во оваа сфера, досега многу малку соработуваа. Заради подобрување на состојбата, деновиве почна реализација на проект, кој ќе трае една година, а неговата прва промоција беше во Штип.

Со проектот „Размена на искуства во индустријата за производство на вино – начин за прекуграничен економски развој“ се опфатени благоевградската област во Бугарија и три македонски региони, североисточниот, источниот и иугоисточниот. Ефектите се очекува да се почувствуваат во целокупниот лозарско-винарски сектор во двете земји, во кои има околу 100.000 хектари лозови насади.

Носител на проектот, кој е финансиран од фондовите на ЕУ, од македонска страна е регионалното здружение „Спектар“ со седиште во Kрива Паланка, а од бугарска „Евроинтегра“ од Софија и нејзините филијали во Kресна и во Сандански и Сојузот на енолозите на Бугарија. Проектот е поддржан и од бугарската Државна агенција за лозја и вино.

– Се создаваат услови за тесна соработка меѓу македонските и бугарските лозари и винопроизводители. Целта ни е побрз развој на индустријата за вино, подобрување на квалитетот и извозот, но и реактивирање на замреното лозаропроизводство во некои региони. Типичен пример за тоа е нашиот североисточен регион, во кој лозарството целосно замре – вели Методи Цветковски, претседател на „Спектар“.

Десислава Дончева, претседателка на „Евроинтегра“, истакнува дека можностите за соработка и за создавање партнерски односи се големи и оти ќе се користат сите механизми за постигнување што подобри ефекти во двете земји од овој значаен стопански сектор. Особено внимание ќе им се посвети на европските стандарди и на европската регулатива, која е многу сложена и на која балканските земји тешко се приспособуваат.

Проектот, покрај другото, предвидува две обуки во Штип и во Сандански за производители на вино од двете земји, изработка на луксузен прирачник со најдобрите европски практики во производството на грозје и вино, издавање винска карта со сите лозја и производители на вино и со исцрпни информации за разните сорти вина во двете земји и основање Сојуз на македонските енолози.

– Виното е огледало на душата, тоа е култно во многу европски земји и ние со нашите потенцијали тоа треба многу поуспешно да го користиме. Имаме повеќе од 200 члена професионални енолози, кои всушност ги создаваат вината. Со подобра соработка меѓу бугарските и македонските винопроизводители и енолози, ќе можеме да постигнеме многу подобри резултати на пробирливиот европски пазар – истакна Станимир Стојанов, претседател на Сојузот на енолозите на Бугарија.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …