Како што анализираат статистичарите на Евростат, за една декада, односно од 2000 до 2010 година, е забележан 58% раст во млекопроизводството во Македонија, што ја прави земјава лидер во регионов по забрзаниот раст.
Македонија има најголем раст на млекопроизводството во периодот од 2000 до 2010 година во споредба со земјите кои беа дел од поранешна СФРЈ. Како што анализираат статистичарите на Евростат, за една декада, односно од 2000 до 2010 година, е забележан 58% раст во млекопроизводството во Македонија, што ја прави земјава лидер во регионов по забрзаниот раст.
Слични согледувања имаа и во Стопанската комора на Македонија. Тие деновиве укажаа дека според нивните анализи 2004 и 2005 година биле одлични години за овој сектор, исто како и 2008 година доколку се земат предвид извезените и увезените количества млеко и млечни производи по години, при што се забележува тренд на раст кој изнесувал 19.425 тони годишно. Загрижувачко е што добрата слика се нарушува, бидејќи веќе од лани извозот опаѓа и е намален за 61% и достигнал 3.727 тони во споредба со 2008 година.
Васко Ристовски од СКМ укажа дека поддршката на млекото годинава и следната година изнесува 3,5 денари за литар предадено млеко во преработувачките капацитети, а од следната година, па се 2017, во согласност со измените, субвенционирањето ќе биде исклучиво според квалитет и ќе расте достигнувајќи 4 денари за литар прва класа млеко.
Стево Пивковски, сточар од Пелагонискиот регион, каде што млекарството забележува најголем подем, смета дека сега сточарството во Македонија ќе беше отидено далеку понапред доколку да не се случеше Сведмилкк.
– Во моментов сме во стагнација, само со помош на владините субвенции опстојуваме, да бидеме барем на позитивна нула – вели Пивковски и додава дека за да има успех, потребна е поголема соработка меѓу самите фармери, владата и државните институции оти тогаш успехот ќе биде целосен, но и поголем.
Агенцијата за храна и ветеринарство анализира дека откупот на свежо кравјо млеко во 2007, 2008 и 2019 година изнесувал 116 милиони литри млеко, а во 2010 година бил 115 милиони литри. Во 2011 година откупот достигнал околу 108 милиони литри кравјо млеко.
Во земјава има 77 капацитети за преработка на млеко и млечни производи, но поради недостигот на сурово млеко сега фабриките работат со 40% искористеност на капацитети. Во најава е изградба на млекарница во Светиниколскиот регион, а наскоро со работа се очекува да започне и турски Суташш, кој ја купи млекарницата Сведмилк.
Кога станува збор за производството на млеко во земјава, тоа во 2011 година било на ниво од 417.236.000 литри, што бележи зголемување од 5% во однос на 2010 година кога достигнало 394.334.000 литри.
Кога се анализира производството на млеко според неговата структура, во 2011 година се произведени за 8% повеќе кравјо млеко во однос на 2010 година. Намалување е забележано при производството на овчо млеко каде е забележан пад од 22% во споредба со 2010 година, а драстичен пад е забележан и кај производството на козјо млеко.
Европските статистичари во десетте изминати години забележале и пад на искористеноста на обработливите површини во Македонија од 48,1% во 2000 и 43,6% во 2010 година, додека во Хрватска искористеноста изнесувала 67%, во Србија 65% и Босна и Херцеговина 63%.
Евростат укажува дека во Македонија и Косово овие десет години не е зголемено производството на житарки. За разлика од нашата земја, во Хрватска е регистрирано зголемување од 30%, додека во Србија дури 78%.
Во меѓувреме централно место на македонската Влада е развојната програма наменета за земјоделскиот сектор за што поголема мотивација на земјоделците преку бројни субвенции и стимулации.
Валентина МАРЈАНОВИЌ
Извор: http://vecer.com.mk/?ItemID=B3DB649B414F88449BAB1312FC19CC22