Семенски материјали со поминат рок и без соодветна декларација и пестициди кои не се на одобрената (Анекс1) листа минатиот месец одзел Државниот инспекторат за земјоделство од земјоделските аптеки.
Контролирани се 147 земјоделски аптеки, а според директорот на Инспекторатот Румен Стаменов, одземени се 106 килограми недозволени препарати, етрел, вајдате, ланате, галатион, бебемил. Дел од препаратите биле со рок поминат пред седум години.
– Од продажба отстранети се 140.000 килограми семенски материјал, одземени се 60 килограми градинарски семиња и 1.260 килограми ѓубрива, а отстранети се 510 килограми – информира Стаменов, нагласувајќи дека на годишно ниво одземени се над седум тони.
Во контролите пронајдени се и 179 пакувања семе од зелка од сортата рентон без декларација и оригинална опаковка, кои во земјава влегле на непознат начин. Во земјоделската аптека Христ ленн од Кочани, чиј управител е Јордан Манасиевски, кој се појави како главен иницијатор на протестите на оризопроизводителите кои се незадоволни од работењето на институциите, пронајдено е семе со поминат рок, пестициди без бандероли и со поминат рок.
– Земјоделската аптека два дена беше упорно затворана и не беше дозволено да се изврши контрола, па инспекторите влегоа со помош на МВР и истражен судија – рече Стаменов.
На сопственикот на Христ ленн изречена му е парична казна и поднесено е барање за забрана за вршење на дејност. Незаконското работење во оваа аптека било откриено по анонимна пријава на бесплатната телефонска линија на 0800 11 000, информира директорот на Инспекторатот, апелирајќи до граѓаните да продолжат да пријавуваат нерегуларности што ќе придонесе за заштита на производството и на здравјето на луѓето.
Извор: http://vecer.com.mk/?ItemID=3E7F06C8CA278D4085F7C610F9C82F8A