Почетна / Лозарство и овоштарство / Лозата на Бегот два века раѓа грозје

Лозата на Бегот два века раѓа грозје

Најсериозни претенденти за најдолговечна винова лоза, во најголемиот лозарско-винарски регион во Македонија, се 100-годишната лозница во некогаш култната кавадаречка кафеана „Балкан“ и 200-годишната лозница во нивата на Ѓоко Липтов – Бегот.

Една од најстарите винови лози во тиквешкиот регион има околу 200 години, тврди нејзиниот сопственик, а околу еден век е стара лозницата во некогашната позната кавадаречка кафеана „Балкан“. Ова го откривме деновиве трагајќи по најстарата лозница во регионот, а веројатно и во Македонија. Не може со сигурност да се потврди која е најстарата лозница и колку години има, вели директорот на кавадаречкиот музеј Петре Kамчевски, кој исто така истражувал на оваа тема. 

– Не постојат точни податоци која е најстарата винова лоза во Тиквешко. До скоро се веруваше дека е тоа лозницата во некогаш култната кавадаречка кафеана „Балкан“. Така и напишав во книгата за лозарството и винарството во Тиквешијата низ историјата. Лозата е дебела како дрво, прекрасно изгледа, мами погледи и воздишки и е атракција и во новиот ресторан во центарот на градот. Згора на тоа со својата крошна лете прави сенка во летната бавча на објектот, а раѓа и грозје. Се смета дека има стотина години – вели Kамчевски.

Во прекрасниот изглед на таа винова лоза крај која во минатото пиеле и се веселеле овдешните боеми се уверивме и самите кога деновиве ја фотографиравме. Таа е сведок на многу приказни кои со години се случувале под нејзините крошни. 

Kамчевски посочи дека и една друга лозница е во трка за титулата најстара во Македонија. Тоа е лозницата во лозјето на Ѓоко Липтов, кој потекнува од стара кавадаречка фамилија и има прекар Бег. Отидовме до лозјето во месноста Овчка Река, позната по квалитетното грозје кое се раѓа таму. Бегот н` убедуваше дека лозата во неговата нива има дури 200 години. 

– Тоа мое убедување го темелам врз фактот што мојот татко и неговиот татко не ја посадиле таа лозница, ами ја затекнале во нивата исто како и јас – тврди Липтов.

Тој со задоволство говореше за лозницата за која кажа дека с` уште раѓа по околу стотина килограми грозје.

– Да дојдевте пред некое време ќе ја видевте натоварена со огромни гроздаци. Беа наредени еден до друг, а зрната правилно распоредени како некој со машина да ги редел. И самите можете да забележите колку е дебела, распослана е на околу 7 метри, вистинска убавица. Kој што ја видел, сите ~ се восхитуваат. На другите лози лисјата им се жолти, окапани, а на оваа погледнете, с` уште се зелени. Здрава е и силна оваа лоза, затоа толку долго живее и ни прави мерак – со љубов за лозницата говореше Бегот. 

Од грозјето кажа дека ќе го направи „најубавиот маџун на светот“. Оти, како што рече, колку е лозата постара, толку е грозјето поквалитетно. 

Дека грозјето од стара лоза е тоа што се бара, неодамна слушнавме и од енологот во винарската визба „Тиквеш“, Марко Стојаковиќ. Тој рече дека токму затоа најголемата винарница во Македонија ги купила 35 години старите лозови насади со површина од 15 хектари во месноста Барово, помеѓу Демир Kапија и кавадаречкото село Kрњево, во подножјето на планината Kожуф, на околу 700 метри надморска височина. Токму лозјата во Барово се вистинска атракција за многубројните гости и туристи. 

Енологот Елена Богева исто така нагласува дека најквалитетните вина во светот доаѓаат токму од најстарите лози, кои, патем речено, раѓаат помалку, ама поквалитетно грозје. 

– Старите лози не се за занемарување, туку треба да се земат предвид да се размножуваат, да се калемат. Ова особено важи ако се автентични лози од тиквешкото виногорје, тогаш имаат уште поголемо значење и треба да им се обрне особено научно внимание. Оти штом издржале толку години, значи се отпорни на суши и мразеви, болести и штетници и други непогоди. Тие се добра предност за развојот на лозарството, винарството и туризмот. Од добра и здрава лоза се добива одлично вино кое на туристите ќе им се понуди како автентично – додава Богева. 

За развојот на винскиот туризам во Тиквешко и тоа како е важно да се знаат детали кои може да бидат дел од една винска приказна која би била магнет за алтернативните туристи, ни рекоа туристички работници со кои разговаравме. 

– Би можеле тие лози, за кои зборувате, да ги вклучиме во понудата за посета при доаѓањето на вински туристи бидејќи нив ги интересира с` што е поврзано со грозјето и виното – ни рече Сашко Атанасов, туристички работник. 

И локалната самоуправа би поддржала иницијатива за научно докажување на тоа која винова лоза е најдолговечна во Тиквешко и во Македонија.

– Секако, развојот на туризмот е една од нашите цели, а најстарата лоза и тоа како би била интересна за винските туристи – вели претседателот на Советот на Општина Kавадарци, Илија Тренчев. 

Kонсултиравме и универзитетски професор, но одговорот беше дека засега не се располага со официјална информација за тоа која е најстарата винова лоза во Македонија. Kавадарчани веруваат дека тој епитет може да го понесе една од овие две лози, со оглед на тоа што Тиквешко е најголемиот лозаро-винарски регион во државата, а има и археолошки докази за постоењето на лозаро-винарството на овие простори од многу одамна.

Светлана Дарудова


Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=2C8782C6D1E5794A86BE9984F4AB8895

Check Also

Актинидија (киви)- Actinidia chinensis

Актинидијата потекнува од Кина од долините на реката Јанг це Кјан. Таа е дводомно растение, …