Почетна / Вести Македонија / Лозарите бараат два денари повисока откупна цена на грозјето

Лозарите бараат два денари повисока откупна цена на грозјето

Како резултат на поголемиот квалитет на грозјето кое се очекува годинава и поголемата побарувачка и од домашните винарски визби и за извоз, лозарите ќе побараат 14 денари за килограм вранец и 12 денари за килограм смедеревка.

За два денари поголема откупна цена годинава ќе бараат лозарите за предаденото грозје. Како резултат на поголемиот квалитет на грозјето кое се очекува годинава и поголемата побарувачка и од домашните винарски визби и за извоз лозарите ќе побараат 14 денари за килограм вранец и 12 денари за килограм смедеревка. На месец и пол пред почетокот на бербата очекуваат добра реколта.
– Оваа година ќе бараме два денари повисока откупна цена на грозјето. За вранецот 14 денари од килограм, а за смедеревката 12 денари, со што ќе ги постигнеме откупните цени од 2006 година. Родот на грозјето годинава е добар, а и квалитетот, се надевам ќе не послужат временските услови до почетокот на бербата – вели Љупчо Аризанов, претседател на регионалниот сојуз Агротиквешија.

Според него, лозарите веќе иницирале до Министерството за земјоделство средба со винарските визби за да почнат преговорите за годинешната откупна цена.
– Побарувачката на винско грозје расте секоја година и кај домашните винарии и за извоз, и затоа очекуваме да порасне и откупната цена. Винарските визби се празни. Лани беа извезени 25 милиони литри винско грозје, оваа година очекуваме дека ќе достигне до 30 милиони литри – потенцира Аризанов и додава дека не очекува проблем со откупот, со оглед на тоа што четири винарски визби, меѓу кои и на еден поголем откупувач на грозје им беа одземени лиценците поради неплатено грозје.

Марија Митева, генерален директор на винарската визба “Сковин” и претседател на здружението за винарство при Стопанската комора на Македонија, се согласува дека годинава ќе имаме многу поквалитетно грозје, на сметка на квантитетот.
– Квалитетот е добар, имаше врнежи, добри се временските услови. Очекувам годинава да биде иста како лани во делот на родот. За откупната цена се уште е рано да се планира, бидејќи таа зависи од побарувачката на странските пазари, како за наливно вино, така и кај флашираното – вели Митева.

Таа очекува четирите винарски визби на кои им беа одземени лиценците, до почетокот на бербата да ги исплатат лозарите и да можат да откупуваат, со што не би се направиле поголеми проблеми во откупот годинава.

Од Министерството за земјоделство, потврдуваат дека четири винарски визби немаат лиценци за работа, поради неплатени обврски кон лозарите. Винариите можат да си ги вратат лиценците, односно повторно да бидат впишани во Регистарот на производители откако ќе ги подмират своите долгови кон земјоделците.

Според пресметките на здруженијата на лозари, годинава ќе има зголемено производство во однос на минатата година и тоа 200 милиони килограми грозје. Субвенциите за лозарите се два денари по килограм, а субвенции се исплаќаат и за подигање нови лозови насади.
Минатата година откупната цена за килограм вранец изнесуваше 12 денари, додека смедеревката се откупуваше за 10 денари, ако лозарите сами го достават грозјето во винарските визби. Според винскиот катастар, во Македонија грозје се произведува на површина од 24 илјади хектари. Годишно производството на грозје изнесува од 235 илјади тони до 250 илјади тони од коишто околу 45 до 50 илјади тони отпаѓа на трпезното грозје, а останата количина е винско грозје.

Извор: vecer.com.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …