Почетна / Вести Македонија / Никој ниту продава ниту купува лебно жито

Никој ниту продава ниту купува лебно жито

Жетвата е во полн ек, лебното жито се жнее во речиси сите краеви на државата, но ниту некој ја купува пченицата ниту земјоделците ја нудат.

 

Се чека одлуката за врзан увоз. Според извори на „Дневник“, Владата до крајот на неделава треба повторно да ја донесе минатогодишната одлука за врзан увоз на пченица. Тоа практично ќе значи дека одредени количини ќе може да се увезе само ако се откупи домашна пченица. До тогаш никој од земјоделците, иако жнее, не продава ниту килограм. Мелничарите велат дека фармерите имаат одврзани раце да им ја предадат пченицата, но цената што ја нудат е само 10 денари за килограм. Во Министерството за земјоделство велат дека можат да потврдат оти одлука ќе има, но не знаат кога ќе се донесе и од кога ќе почне да важи. Земјоделците се во исчекување, ќе продаваат само ако биде постигната ланската цена.

– Се жнее секаде, но никој не продава зашто цената што ја нудат мелничарите е смешна. Сите договори што ги правевме со Владата и со нив беа да се донесе итно врзан увоз на пченица. Тоа ќе значи дека увозниците ќе може да увезат килограм пченица само ако откупат три килограми домашна. Ако сакаат да увезат брашно, ќе мора да откупат четири килограми пченица за еден килограм увозно брашно – вели Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата на земјоделци и додава дека додека се донесе одлуката, пченицата ќе се складира по силоси.

Во Сојузот на земјоделците на Македонија потврдуваат дека е почната жетвата и во Пелагониско, но и таму никој не продава.

– Трошоците се исти, па дури и повисоки отколку лани. Мислиме дека минатогодишната цена е прифатлива и за нас и за мелничарите – објаснуваат во Сојузот на земјоделците.

Во меѓувреме, слободниот увоз на евтина пченица е во полн ек. Увозниците ги полнат амбарите со пченица со различен квалитет. Очекуваат годинава домашната да се движи од 14 до 16 денари за килограм, а велат дека можат да најдат пченица и за 11 денари.

Земјоделците бараат почитување на Законот за земјоделство и рурален развој, односно потпишување договори и истакнување цени најмалку 10 дена пред откупот. Во исто време да се почитуваат правилниците врзани со откупот на пченицата, односно засилен инспекциски надзор, контрола на исправноста на вагите за баждарење во откупните пунктови, како и разумен процент на одбитоци на предадена количина.

Мелничарите велат дека голема конкуренција им е евтиното српско брашно, кое завршува по маркетите. Единствено решение за проблемот за нив е зголемена царина за увозното брашно, а во исто време зголемување на приносот на домашното производство. Исто така бараат зголемување на цената што Владата им ја плаќа на дел од компаниите за чување на државните резерви од пченица.

Потребен е увоз на 150.000 тони

Според официјалните податоци, лани во земјава биле увезени 44.000 тони брашно, по цена од 293 евра за тон, а во 2011 година во земјава влегле 30.000 тони брашно од увоз по цена од 331 евра за тон.

Се проценува дека годинава од засеаните 90.000 хектари со пченица, ќе се оженат од 260.000 до 280.000 тони, за разлика од лани, кога производството изнесуваше 218.000 тони пченица. Околу 40 отсто од производството или 100.000 тони откупуваат мелничарите. Годишните потреби на Македонија се од 250.000 до 300.000 тони.

Ако се има предвид податокот дека ланските резерви од 30.000 тони се префрлени во оваа година, на Македонија ќе ~ недостигаат околу 150.000 тони пченица, кои ќе мора, како и секоја година, да ги увезе.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …