Почетна / Вести Македонија / Kвалитетно домашно млеко дури во 2020 г.

Kвалитетно домашно млеко дури во 2020 г.

Стратегијата за подобрување и следење на квалитетот на млекото 2013-2020, го трасира развојот на млекопроизводството и ги задоволува условите што ги бара Европската унија.

Расниот состав, исхраната, здравствената заштита и крмната база се клучни фактори за подобро млекопроизводство. Овие параметри се дефинирани како приоритетни во Стратегијата за подобрување и следење на квалитетот на млекото 2013-2020, која ја подготви Министерството за земјоделство, го трасира развојот на млекопроизводството и ги задоволува условите што ги бара Европската унија. Експертите се надеваат дека со доследно следење на стратегијата до 2020 година, ќе ги исполниме сите потребни стандарди и критериуми што ќе придонесат за производство на квалитетно европско млеко.

– Стратегијата за подобрување и следење на квалитетот на млекото 2013-2020 е сериозен документ за многу значаен сектор. Проверувањето на квалитетот се однесува на неколку сегменти, примарното млекопроизводство, преработката и целиот синџир понатаму, до потрошувачите. Предвидено е како треба да се зголемува примарното производство и како да се подобрува квалитетот на фармите, како потоа количините да одат во преработувачките капацитети и како да се дистрибуира. За с` ова се креирани активности, предложени како мерки за конкретна реализација на Стратегијата – вели деканот на Факултетот за земјоделски науки и храна, Драги Димитриевски.

За експертите најголем проблем се малите фарми со една до три крави бидејќи тие тешко ги исполнуваат условите. Токму затоа, целта на стратегијата е нивно окрупнување и зголемување на бројот на грлата. Kај големите фарми имплементирањето на европските стандарди е целосно.

– На фармерите им дадовме период од четири години да се приспособат и полека да го подобрат квалитетот на млекото. Со имплементација на Правилникот донесен лани, кој предвидува плаќање по квалитет, подобрите фармери ќе добиваат повисока цена и ќе ги стимулираат послабите да го подобруваат млекото. Од друга страна, државата, со начинот на субвенционирање, исто така по квалитет, ќе го поттикне постигнувањето на стандардите – вели Соња Србиновска, професорка по млекарство.

Професорите велат дека за поголем квалитет на млекото неопходни се подоброто менаџирање со исхраната и подобар начин на одгледување. Според нив, засега големината на фармите и генетиката на добитокот не задоволуваат, но со поддршката што ја обезбедува државата фармите можат да бидат рентабилни.

Фармерите се убедени дека ќе успеат да го приспособат млекопроизводството во претстојниот период од две години.

– Посебен стимул ќе бидат исплатата на млекото и давањето на субвенциите по квалитет. Тоа се две добри причини за да произведуваме квалитетно млеко – велат фармерите. Според нив, за да се произведе квалитетно млеко, не треба многу. Најнужно е да се посвети внимание на хигиената, да се обезбеди добра, квалитетна храна, да се зголемат површините со јачмен за 30 отсто и со пченка за 20 проценти, за да имаме сопствено производство на добиточна храна кое секогаш е поевтино од увезеното.

Валентина Ангеловска


Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=7B6A7FEF7C935A479FC3827C3BDE447A

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …