Почетна / Вести Македонија / Kризата го стопира пласманот на јагнињата

Kризата го стопира пласманот на јагнињата

Во кланицата „Серта компани” од Kавадарци, која е најголем извозник на јагнешко месо од Македонија, од каде што секоја година извезуваа од 12.000 до 15.000 јагниња за празниците, сега немаат заклано ниедно јагне.

 

Извозот на јагнешко месо на италијанскиот и на хрватскиот пазар оваа година е драстично намален во споредба со лани, вели сопственикот на кланицата „Серта компани” од Kавадарци, Ристо Михајлов. Kланицата, која е најголем извозник на јагнешко месо од Македонија, досега секоја година извезувала од 12.000 до 15.000 јагниња за новогодишните и за божикните празници. Заклучно со 15-ти овој месец годинава таа немала заклано ниедно јагне. Само еден камион бил порачан, а јагнињата од порачката требаше да се колат во текот на вчерашниот ден.

– Друга нарачка немаме. Тоа се должи на кризата во Италија и во Хрватска, но и на тактизирањето на македонските производители на јагниња, кои не сакаа пред десетти овој месец да ги продаваат јагнињата. А со години 17 декември ни беше последен ден за товарање и за извоз на македонско јагне – објаснува Михајлов.

Тој нагласува дека пазарот ги диктирал условите за цените и за откупот на јагнето. Додека сточарите чекале подобра цена, откупот на јагниња завршувал.

– Загубите с` уште не сме ги процениле, но сигурно е дека тие ќе бидат огромни. Ќе има разочарување и кај производителите на јагниња оти цената е доста пониска од порано, но тоа се должи, како што реков, на кризата на италијанскиот пазар. Огромни количества, од над 500.000 јагниња, се останати во Романија зашто Турција се повлече од увоз од Бугарија, Романија, Словачка и од Полска. Огромни количества живо јагне останаа и на грчкиот пазар. Грците и Шпанците притискаат со многу пониски цени на италијанскиот пазар. Сето ова значи оти изгледите се многу мали дека нешто годинава ќе може да се реализира од планираните количества на пазарот во Италија – дециден е Михајлов.

Светлана Дарудова


Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=D41CC91A3C5E0D458992DF084B324822

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …