Изградба на откупен центар за овошје во Охрид најави вчера министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димоски по средбата со градоначалникот Никола Бакрачески.
– Изградбата на овој откупен ценар би била иницијатор за забрзување на развојот на овоштарството во охридскиот регион, посебно за охридската цреша што е карактеристична за ова поднебје – рече Димоски, изразувајќи задоволство од степенот на соработката со охридската локална самоуправа.
Како локација за изградба на откупниот центар и ладилник за овошјето е посочено селото Лакочереј. Веќе се подготвува планска документација за пренамена на земјиштето од страна на Секторот за урбанизам и просторно планирање во општината. Врз основа на документацијата, ќе следат постапки за договарање со странски инвеститор.
-Во изминатиов период имавме голем број инвеститори заинтересирани за изградба на ваков откупен центар со што ќе се остварат и нашите ветувања кон граѓаните кои живеат во овој дел, а секако и останатите земјоделци ќе бидат стимулирани да го развиваат производството посебно на познатата охридска цреша и останатите култури, пред се овошјето. Нема да го развиваат само својот бизнис, туку ќе оставруваат нови вработувања, токму она што е и наша круцијална цел, истакна по средбата градоначалникот Бакрачески.
За подобрување на состојбите неодамна беше отворена канцеларија при Секторот за туризам и локален економски развој чии активности имаат за цел да се поттикне развојот на земјоделството и да се обезбеди стручна помош за производителите преку навремено детектирање на проблемите и утврдување начини за нивно брзо решавање.
Градоначалникот Бакрачески најави повеќе мерки за развој на земјоделството во Охридско и привлекување инвестиции.
Извор: vecer.com.mk