Извршители со полициска асистенција го пробија живиот штит на вработените пред винарската визба „Повардарие“ од Неготино за да го наплатат акцизниот долг на компанијата од околу 600 илјади евра.
По големата мешаница на портите од визбата, откако со клешта беше скршен синџирот од капијата, две цистерни влегоа во дворот и почнаа да конфискуваат вински дестилат како начин за наплата на долгот. Претходно, десетици вработени неколку часа го блокираа влезот на визбата тврдејќи дека одземањето на винскиот дестилат е незаконско и ќе предизвика последици врз работењето на втората по големина винарница во Македонија.
– Може да повлечат пари од сметката наместо да го одземаат дестилатот, бидејќи со тоа го доведуваат во прашање нашето производство – рече еден од револтираните вработени.
Директорот на винарската визба „Повардарие“, Ванчо Kузманов, вели оти коментарите се излишни.
– Очигледно надлежните институции немаат слух и не сакаат да го решат проблемот на задоволство на сите страни – изјави Kузманов.
Станува збор за наследен судски спор за акцизен долг при преземањето на компанијата од страна на српскиот инвеститор „Вино жупа“, кој трае околу шест години.
– Одземањето на винскиот дестилат нема многу финансиски да влијае врз работењето на компанијата. Но, се работи за странски инвеститор и прашање е како ваквото однесување ќе влијае врз имиџот на земјата – вели Kузманов.
Тој потенцира дека винарницата е еден од главните откупувачи на грозје, која неколку години наназад ја ублажува лозаро-винарската криза во земјава.
Пред повеќе од еден месец Царинската управа на Македонија ~ ја одзеде акцизната дозвола на винарницата и ~ ги затвори акцизните складови поради неплатени даночни обврски во износ од 40 милиони денари.
Од „Повардарие“ велат дека по однос на овој спор одлучувал Управниот суд на Република Македонија на 31 јули годинава.
– Судот донесе правосилно решение со кое се одлага извршувањето на решението за присилна наплата донесено од Царинската управа и ова решение важи до завршување на управниот спор – објаснува Kузманов.
Тој кажува дека претходно по барање на Царинската управа, а во согласност со Законот за данокот, винарската визба воспоставила и хипотека од прв ред во корист на Царината с` до конечното решавање на спорот согласно со Законот. Директорот Kузманов уверува дека ваквите состојби во „Повардарие“ нема да влијаат на исплатата на грозјето која е во тек и тврди дека веќе е платено за половината од грозјето. (С.Д. – Г.Р.)
Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=D7CA0681F6CE7241B1044BDF22C2ADAA