Почетна / Вести Македонија / Јадеме свежо месо старо 18 месеци

Јадеме свежо месо старо 18 месеци

Замрзнато, па одмрзнато месо се продава како свежо во македонските месарници. Иако покрај секое парче месо треба да стои декларација на која мора да стои потеклото и фактот дека веќе е еднаш одмрзнато, во помалите месарници низ земјава законската обврска не се почитува.

Во обиколката на „Дневник“ низ месарниците можеше да се види дека свинско месо јадеме главно од Шпанија и од Бразил, а говедското доаѓа од Јужна Америка. Предновогодишната еуфорија што ги зафати граѓаните е причина да се купува многу месо, а малку да се внимава на рокот на употреба, потеклото и староста на истото. Дел од купувачите и покрај честите набавки внимаваат што купуваат, но има и такви на кои пресудна им е цената. Домашните производители велат дека продажбата на замрзнато месо што се продава по одмрзнувањето како свежо им е нелојална конкуренција бидејќи ова месо е поевтино од нивното и повеќе се купува. Увозниците, пак, тврдат дека ваквото месо не е ништо полошо по квалитет од свежото и дека во државава се внесува месо без коска кое е старо „само“ 18 месеци. 

Во Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека според нашиот правилник за месо, не се забранува продажба на замрзнато месо, но ако се одмрзне, тоа не смее повторно да се замрзнува. 

– Нашиот правилник е како европскиот и според него не се забранува продажба на одмрзнато месо. Но тоа мора да биде декларирано како такво. Нашите инспектори се постојано на терен, ги контролираат месарниците и строго ќе бидат казнети сите што не го почитуваат законот. Граѓаните сами треба да одлучат дали ќе купат свежо месо од домашно производство кое исто така треба да е декларирано или замрзнато, па одмрзнато од увоз – вели Дејан Рунтевски, директор на Агенцијата за храна. Тој објаснува дека според правилникот сите продажни објекти и кланици во Македонија се обврзани да продаваат свежо, разладено и смрзнато месо со декларација на која точно ќе бидат назначени земјата на потекло, рокот на траење, нето-тежината, местото на обработка и условите на складирање. Правилникот за соодветно декларирање и обележување на месото е донесен кон крајот на минатата година.

– Kај свежото и разладено месо во продажните објекти ќе мора да постојат информации за производот што ќе бидат видливи за потрошувачот. На етикетата треба да бидат истакнати информации за потекло на месото – од која земја потекнува, во која земја е заклано животното, бројот на кланицата и на ушната маркица на животното, возраста на животното кога е заклано и рокот на траење- стои во Правилникот за месо.

Експертите велат дека ако месото се чува соодветно замрзнато како што е пропишано, воопшто не губи од квалитетот. Но децидни се дека ако еднаш е одмрзнато, тоа не треба повторно да се смрзнува. 

Увозниците на месо за „Дневник“ велат дека во државава може да влезе само месо без коска кое е со максимална старост до 24 месеци. Kај месото со коска, рокот е далеку помал, бидејќи тоа иако е замрзнато, побрзо се расипува. Свинското месо е со рок до 18 месеци, а јунешкото може да се увезе само ако е со помал рок на траење од 24 месеци. Пилешкото е исто така со максимален рок до 24 месеци. 

– Обично месото што се продава како свежо, а веќе било одмрзнато, се става во саламура и така се продава во месарниците. Многу мало количество од него се продава како свежо – објаснуваат увозниците.

Граѓаните, пак, секој со своја приказна. Едни гледаат декларации и потекло, други само цена.

– Внимавам што купувам и од каде е потеклото. Секогаш ги читам декларациите. Бидејќи имам мало дете, гледам да е од наши простори, а не од Америка или од Бразил – вели Јованка Деспотовска од Скопје. За Драган Алексовски, пак, битна е само цената.

– Со око можам да оценам колку е свежо. Но, ако цената на замрзнатото е за сто денари пониска, тогаш ќе го купам тоа – вели тој. 

Бранко Георгиевски од Скопје вели дека често купува месо од месарниците што се наоѓаат на зелените пазари. 

– Нема ниту декларација ниту пак потекло. Се меле месо кое е полузамрзнато, се мери и се продава. Изгледа дека само по големите маркети има декларации, а во маалските дуќани с` уште си тераат по старо – вели Георгиевски. 

Здружението на преработувачите тврди дека сето месо што се увезува во земјава е здравствено исправно и дека тоа завршува главно во преработувачките капацитети, а не во месарниците. Тие тврдат дека нашиот правилник не забранува продажба на замрзнато месо по продавниците, туку дека само се забранува еднаш одмрзнато месо повторно да се замрзне и да се продава.

Замрзнатото ги губи витамините и минералите

Нутриционистите предупредуваат дека квалитетот на свежото и на замрзнатото месо не е ист. 

Со замрзнувањето месото губи дел од витамините и минералите што ги содржи свежото месо. Со консумирање на замрзнато месо, се задоволуваат само калориските, но не и потребите на организмот за витамини и минерали што ги содржи свежото месо.

Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=CB46F56298A3D745BBF490FFE8D48F32

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …