Опрема вредна околу 50.000 евра за унапредување на македонското земјоделство, денеска во Свети Николе донираше Израелскaта влада.
Директорот на „Агри ленд“ и координатор на проектот, Зоран Тасев рече дека денешната донација е во репроматеријали за изградба на првата таканаречена демо-фарма, односно за изградба на современ пластеник. Тој истакна дека благодарение на одличната соработка меѓу македонската и израелската влада ќе се отвори и Центар за едукација на земјоделците во Свети Николе, а кој ќе биде од регионален карактер.
Горас Мезлер претставник од Министерството за надворешни работи на Израел најави дека во наредниот период ќе донираат и неопходна техничка опрема за Средното земјоделско училиште во Свети Николе.
– Причина за денешната донација е договорот меѓу нашите две влади и заради подобрување на самото земјоделие и на начинот на кој ги одгледуваат земјоделските производи и подобрување на квалитетот на земјоделскиот производ за да може да се пласираат на западно европскиот пазар, рече Мезлер.
Тој вели дека проектот е поделен во неколку фази, а ќе се реализира во Свети Николе и Тетово, а е резултат од потпишаниот договор помеѓу македонската и израелска Влада за заедничко унапредување на земјоделството и можен заеднички настап на странските пазари.
Извор: http://kurir.mk/republika/opstini/99095-Izraelskata-vlada-donirase-oprema-za-izgradba-na-demo-farma-vo-Sveti-Nikole