Почетна / Вести Македонија / Финансиска поддршка и за земјоделско производство

Финансиска поддршка и за земјоделско производство

Освен фирмите кои вршат откуп, извоз и преработка на земјоделски производи, заеми со 3% камата ќе добиваат и микро, малите и средните земјоделски производители

Земјоделците добиваат финансиска поддршка и за реализирање на процесот на производство. Тие ќе можат да користат дел од евтината кредитна линија на Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР), која беше наменета за финансирање на откуп, преработка и извоз на земјоделски производи. Оваа кредитна линија лани ја обезбеди Владата преку докапитализација на МБПР.

Проширувањето на опсегот на корисници на овие исклучително евтини кредити е една од неколкуте мерки за унапредување на поддршката на земјоделството усвоена на последната седница на Владата.

Овие средства се користат по исклучително поволни услови со каматна стапка од 3 проценти, што е најниска во Македонија и пошироко, а може да се подигаат кредити од 300 илјади евра. Доколку земјоделците сакаат заемот да го земат со краен рок на отплата до 18 месеци, тогаш добиваат грејс период од шест месеци, а доколку крајниот рок на отплата е пет години, грејс периодот е една година. Средствата може да се користат и за инвестиции и за обртни средства.
За кредитот може да аплицираат микро, мали и средни земјоделски производители директно во МБПР, која ги одобрува за кратко време.

Се воведуваат уште две нови поволности во земјоделското производство. Покрај финансирање на идни набавки ќе може да се финансираат и набавки кои земјоделците ги направиле 90 дена пред поднесување на кредитното барање. Со ова се овозможува финансирање на набавки кои поради сезонскиот карактер на секторот морале да бидат направени во одреден момент, зашто подоцна не би можеле да се реализираат, не би имале економска оправданост или веќе не би имале ефект.

Исто така, се пролонгира и рокот за правдање на наменското искористување на средствата од 30 на 90 дена. При ова се има во предвид специфичноста на откупот и преработката на земјоделските производи како резултат на нивниот сезонски карактер.

Инаку, при кредитирање на примарното земјоделско производство се финансираат основни и обртни средства за растително и сточарско производство и за нова земјоделска погонска и приклучна механизација. Од вкупно расположливите 10,7 милиони евра од оваа кредитна линија досега се искористени 3,1 милион, а на располагање на земјоделците им стојат уште 7,6 милиони евра. Новите мерки Владата ги обезбеди на барање на земјоделците и стопанските комори, со цел да се постигне подобар економски развој, раст на бизнисите и отворање нови работни места.

Извор: http://vecer.com.mk/?ItemID=D43CD6D219CC6945AC11458332CB2871

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …