Растот на цената на добиточната храна може да го колабира млекопроизводството и производството на месо во државава. Според производителите, цената на килограм концентрат од 15 денари се искачи на 22 денари, пченката од 12 на 17,5 денари, а сојата дури на 55 денари за килограм.
Наспроти ваквите поскапувања, сточарите велат дека откупната цена на суровото млеко со години не пораснала од 18 денари за литар, а откупната цена на свинското месо е околу 120 денари жива мера. Експертите велат дека се очекува ново поскапување на светските берзи за 10 проценти. Македонија е увозно зависна и директно ги трпи штетите. Официјалните податоци кажуваат дека од домашно производство покриваме само 40 проценти од потребите.
Одгледувачите на добиток велат дека за 30 отсто им се зголемени трошоците споредено со лани. Науката, пак, спас гледа само во зголемено домашно производство на висококалоричната храна.
Битолските сточари објаснуваат дека ваквата ситуација ќе се одрази врз квалитетот и количеството млеко, зашто сточарите со помалку квалитетна храна ја одгледуваат стоката.
– Постои диспаритет во цената на добиточната храна и онаа на млекото што го произведуваме. Во овој период претежно кравите ги храниме со силажа, дробена луцерка и слама, не остануваат пари за концентрати и пченка. Тоа, пак, ќе се одрази не само врз квалитетот на млекото, туку и врз произведените количества што млекарниците ќе ги доведе во уште понеповолна ситуација зашто во Пелагонија и онака се преполовени количествата сурово млеко – вели Павле Митревски, сточар од Поешево. Добиточната храна поскапува зашто се увезува, а најголемиот дел од земјоделците во Пелагониско немаат земјоделски површини на кои би ги одгледувале суровините потребни за храна на добитокот.
– Ова е многу тешка ситуација особено за фармерите што немаат свое производство на добиточна храна. Ваквата ситуација ќе ги принуди оние што 20 до 30 години се занимавале со оваа дејност да се откажат. За да се произведе храна за едно грло, потребно е да се има еден хектар земјоделска површина. Минимален е бројот на фармери во Пелагониско кои имаат своја земја – вели Михајло Николовски, сточар од село Бач.
Фармерите бараат државата да им даде приоритет при огласите за распределба на државно земјиште.
– Во Пелагониско недостига земја која би можеле фармерите да ја земат под закуп и на неа да произведат храна за добитокот. Иако во повеќе наврати сме го информирале Министерството да даде приоритет на фармерите при распределбата на државното земјиште, тоа не е случај. Од друга страна, многу големи се трошоците за да се извади потребната документација за учество на огласот за земјиштето. Фармерот треба да плати околу 50.000 денари за елаборат и други потребни документи – велат фармери од битолското село Могила.
Според поголемиот број фармери со кои контактиравме, нерентабилното работење не може да трае вечно и поголем дел од нив ќе ги затворат фармите без разлика на последиците.
Одгледувачите на телиња велат дека размислуваат да ги затворат фармите.
– Со овие цени на добиточната храна станува неиздржливо. Од 21 денар килограм ќуспе за прехрана на кравите сега плаќаме 39 денари. Со овие цени не само што не правиме профит, туку и трупаме загуби. Единственото што н` држи отворени е надежта дека нешто наскоро ќе се смени. Ако не, ќе ги заколеме. Можеби нема да заработуваме, ама барем нема да трупаме загуби – велат фармерите.
И кај одгледувачите на свињи состојбата е слична. Фармерите јавно се огласија дека за 60 отсто помалиот род на јачменот во однос на минатата година и цената од 17 денари за килограм, која веројатно ќе расте и во наредниот период, се причина за уништување на свињарството во земјава.
Состојбата со добиточната храна е слична и во светот. Поради сушите во САД и во Русија драстично е намален приносот кај житото, а тоа директно влијае врз бројот на свињите кој е намален за 20 отсто на глобално ниво. Според британското здружение на одгледувачи на свињи следната година на пазарот ќе недостигаат многу производи од свинско месо.
Валентина Ангеловска
Жанета Здравковска
Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=9AAF1DE289C64E4EBF8CF4A4AAEFFFFD