Почетна / Вести Македонија / Град колку орев им го “обра” гравот на жителите од Крушопек

Град колку орев им го “обра” гравот на жителите од Крушопек

Жителите на село Крушопек раскажуваат дека и најстарите жители од ова село не паметат ваков дожд со последици. Еден час паѓало град со големина на орев, половина метар имало вода и се што имале насадено на нивите сега им е уништено.

Дождот и градот што паѓаа во вторникот, најмногу ги погодија околните скопски села, а едно од нив е и селото Крушопек кое се наоѓа во општината Сарај. На самиот влез во селото вчера екипата на Вечер можеше да забележи дека нивите беа преполни со вода и град кој и по два дена се уште не се стопил. Дел од селаните беа седнати покрај своите ниви и со неверување гледаа како градот што паѓал дури еден час им го уништил целиот нивен повеќемесечен труд. Дел пак, од мештаните со пумпи се обидуваа да ја извадат водата од нивите со надеж дека можеби ќе се спаси нешто од нивните насади. Селаните велат дека ваков дожд и град не паметат ниту најстарите жители на селото. Тие раскажуваат дека еден час паѓало град со големина на орев, половина метар имало вода и се што имале насадено им е уништено.

-Ваков дожд не се памети, паѓаше град со големина на орев, вода имаше половина метар, влегуваше во куќите, страшно беше. Јас имав насадено грав, но сега се тоа ми е уништено и не може ништо да се спаси бидејќи има премногу вода во нивите. Никој од надлежните не дојде да види што ни предизвика дождот, барем да дојдеа да не потапкаат по рамо дека некако ќе ни помогнат, раскажува Љусуф Нуиши.

Мештаните објаснуваат дека илјадници евра им отишле заедно со дождот, целиот труд кој го вложувале го снемало за многу кратко и дека ваква катастрофа до сега им се нема случено.
-Имав насадено 12 илјади стебла зелка, дома во дворот имав уште расад, но сега немам ништо, дождот ми однесе илјадници евра. Ваква катастрофа до сега се нема случено во нашето село, и други години имало дождови, но со вакви последици не. Веќе 24 часа пумпите за собирање вода ни се пуштени, тешко дека може нешто да спаси, но еве сепак пробуваме да ја извадиме водата за да видиме дали корењата се целосно уништени, се жали Н.Е. од Крушопек.

Погоре во селото можеше да се забележи како жителите ја собираа водата од своите дворови, улиците, џамијата. Уште погоре во селото наидовме на срушен ѕид, а од продавница којашто се наоѓаше веднаш спроти паднатиот ѕид, раскажуваа дека дождот бил толку силен што успеал да го турне и ѕидот на една од селските куќи.

Од Општина Сарај велат дека веќе е формирана Комисија и е започнато со излегување на терен за процена на штетите од невремето. Сите извештаи од терен ќе бидат доставени до Владата која ќе одлучи кои од жителите ќе добијат државна помош, велат од општината.

Извор: vecer.com.mk

 

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …