Почетна / Вести Македонија / Голем помор на риби во река Тополка кај Велес

Голем помор на риби во река Тополка кај Велес

Во саботата вечерта, околу 20 часот во реката Тополка кај Велес се случи помор на рибите. Според очевидци од населбата Превалец кои први го виделе поморот во реката, поради намалениот водостој површината на Тополка била побелена од угинатите риби.

Тие почувствувале чудна миризба на железо, а водата имала чудна црвеникава боја. Помалите риби водата ги носела по површината додека поголемите се наоѓале на дното. Тешко можело да се одреди колкави биле количините на угината риба. Причините за оваа катастрофа која ја уништи флората и фауната во реката Тополка засега не е позната. Велат дека угинати риби има од испусниот канал на поранешна “Порцеланка”, па надолу.
– Беше веќе темно и не можеше убаво да се види. Кога се раздени глетката беше застрашувачка. На површината на реката пловеше угината риба. Имаше многу, а замислете колку однела водата во текот на ноќта – вели жител од Превалец.
Жителите веднаш ги информирале рибочуварите од Здружението на спортски риболовци Бабуна” од Велес кои излегле на лице место.
– Прошетав нагоре по течението на реката, стигнав и до испусниот канал на поранешна “Порцеланка”. Од каналот надолу имаше, а нагоре над каналот немаше угината риба. Потоа земав примероци од водата под и над каналот. Тие ги предадов на инспекторите – рече Шефкет Маслак, рибочувар. Општинскиот и Државниот инспектор за заштита на животна средина излегоа на лице место и зедоа примероци од угинатите риби и од водата. Вчера ги испратиле на анализа во лабораторија во Скопје.
Жителите на Превалец вчера раскажуваа дека во поранешна “Порцеланка”, против која иако е покрената стечајна постапка, се работи. Што се работи никои не знае, меѓутоа, според некои жители од Превалец, поранешни работници на “Порцеланка”, екипи вршеле сечење на опремата во погоните на некогашната фабрика за производство на порцелан и керамички плочки.

Извор: vecer.com.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …