Околу 1.300 лица го посетиле Музејот на виното во Демир Капија од почетокот на годината, соопшти проект-менаџерот во музејот Звонко Будимировиќ.
– Околу илјада посетители се најавени од мај до септември и тоа само од една туристичка агенција, а има и туристи кои ќе дојдат преку други туристички агенции или самостојно. Исто така, и голем број странски телевизии дојдоа за да направат репортажи зашто музејот е единствен од ваков вид во поширокиот регион – нагласи Будимировиќ. Тој додаде дека Музејот на виното во Демир Капија е влезен во туристички водичи на САД, Јапонија, Полска, Франција, Австрија, Унгарија и Србија.