Тутунскиот комбинат од Прилеп заедно со друштвата го објави планот за работа за годинава до Македонската берза.
Друштвото Тутун” планира зголемени приходи од продажба за 12% повеќе од лани. Друштвото Цигари” планира производство на 1,3 милиони килограми цигари, но за разлика од лани, повеќе од двојно се намалени планираните приходи од продажба
Според планот за работа, компанијата која произведува тутун и е дел од прилепскиот тутунски комбинат, за годинава планира да инкасира 12,9 милиони евра приходи од продажба на тутун и 12.000 евра од други приходи. Предвидено е да се потроши суровина во вредност од 9,7 милиони евра, а вкупно 2,3 милиони евра ќе чинат трошоците на трудот. За разлика од лани, годинава, друштвото има намалени трошоци за вработените, кои ја чинат компанијата 17.000 евра. Сепак, и покрај намалените трошоци и зголемените приходи, друштвото нема да успее да ја надмине загубата која е планирана на 606.000 евра. Друштвото Цигари”, исто така дел од тутунскиот комбинат, годинава планира да произведе 1,3 милиони килограми цигари, од кои 710.000 килограми се наменети за продажба на домашниот пазар и 590.000 килограми за странски пазар. За разлика од лани, повеќе од двојно се намалени планираните приходи од продажба и услуги, при што на домашен пазар се предвидени приходи од продажба на цигари во вредност од 8,8 милиони евра, а на странски пазар се предвидени приходи од 3,1 милион евра. Останатите приходи, компанијата планира да ги прибере од продажба на лепило , реализација на трговски стоки и слично. Вкупните трошоци се планирани на 15 милиони евра, додека загубата ќе изнесува 1,8 милиони евра, за два пати поголема од лани.
Извор: vecer.com.mk