Македонското млеко се уште не ги задоволува европските стандарди за квалитет, затоа фармерите треба да го зголемат нивото на хигиена во фармите, млекарниците да обрнат повеќе внимание на едукација на фармерите.
Сточарите, меѓу другото, треба да обезбедат избалансирана храна за добитокот, бидејќи тоа е важен предуслов за висок квалитет на млекото. Ова се главните забелешки на експертите на трибината за подобрување на квалитетот на млекото којашто ја организираше Федерацијата на фармери на Македонија (ФФРМ).
– Немаме увид во целото производство, но од оние малку податоци што ги видовме, може да се констатира дека македонското млеко не ги задоволува стандардите. Забележавме и дека преработувачите, бидејќи имаат потреба од млеко, го купуваат и не се грижат многу за неговиот квалитет и за класите на млекото – истакна Ричард Деминк од француската органција Авдии.
Според него, млекото е благороден производ, но многу лесно се расипува и тешко се одржува. Затоа е неопходно сите засегнати страни заедно да работат на оваа проблематика. Особено е важна улогата на фармерите, тие треба да го иницираат дијалогот.
Според професорот Владимир Какуринов хигиената на фармите може да се подобри без големи вложувања, со примена на добри земјоделски практики.
– Фармерите веќе сфаќаат колку е битно бројот на микроорганизми да се сведе на минимум. Многу се заинтересирани за начинот на анализи кои не се вообичаени и ги опфаќаат и групите микроорганизми што не се наоѓаат во правилниците за квалитет или безбедност, а се важни за производство на одредени типови млечни производи, течни и полутечни, меки и тврди сирења – смета Какуринов.
Професорот Среќко Ѓорѓиевски од Факултетот за земјоделски науки и храна ја нагласи важноста од балансирана исхрана на добитокот и од менаџирањето на топлотниот стрес кај животните кој, напомена, директно влијае на консумацијата што, пак, се одразува на количината и квалитетот на млекото.
– Голема е загубата од несоодветната исхрана. Штетите најчесто се прават од незнаење и многу тешко се поправаат. Нашите фармери делумно ја прилагодуваат исхраната на добитокот, тоа го практикуваат главно големите, помалите се уште не. Има некои мерки што треба да се преземат – истакна Ѓорѓиевски, додавајќи дека исхраната на добитокот влијае на количината млеко, квалитетот, здравјето и репродуктивните перформанси. Според него, сточната храна најмногу влијае на масленоста и најлесно ја подобрува, делумно ги поправа протеините, а лактозата скоро и не може да ја поправи. За да се подобри квалитетот на млекото, според фармерите, важно е сточарите да имаат на располагање земјиште за производство на сточна храна по грло добиток, бидејќи храната најмногу влијае на млекопроизводството, а неопходно е и да применуваат техничко-технолошки мерки за одржување на квалитетот на млекото.
Извор: vecer.com.mk