Почетна / Вести Македонија / Германците се повлекуваат од „Винеа”

Германците се повлекуваат од „Винеа”

Германскиот инвеститор сега е сконцентриран на изградбата на новата винарска визба во Kавадарци, велат извори на „Дневник”.

 

Германскиот инвеститор, кој преку битолска фирма инвестира во купување на винарската визба „Винеа” од росоманско Паликура, се повлекува и нема да се буни на одлуката на судот што ја поништи продажбата на винарницата усвојувајќи го приговорот на лозарите. До вакви информации дојде „Дневник” од извори блиски до германскиот инвеститор.

– Германците не сакаат метеж, не сакаат да влегуваат во бизниси што имаат опашки зад себе и што можат да им донесат проблеми. Сакаат да инвестираат во сигурно и затоа си ги повлекоа уплатените средства за винарницата што беше дадена на продажба од страна на извршител. Но, тие се среќни што нивната намера да ја купат „Винеа” и сите случувања околу продажбата на винарницата иницираа побрза исплата на долговите што оваа винарница ги има кон лозарите за грозјето откупено во изминатите неколку години – вели нашиот извор.

Сега германскиот капитал ќе се сконцентрира главно во изградбата на винарската визба која беше најавена во градот на виното, Kавадарци. Kако што веќе најавија уште пред извесен период, планот е изградбата на капацитетот за преработка на грозје да заврши до септември кога и започнува гроздоберската треска. Станува збор за винарница што ќе откупува годишно по 10 милиони килограми грозје од кои ќе се прави околу 7 милиони литри бело и црвено вино наменето за извоз на европските пазари.

„Винеа” беше на продажба на барање од некои од доверителите. Беше продадена за над еден милион и 250 илјади евра. Лозарите реагираа на продажбата велејќи дека винарницата вреди многу повеќе од постигнатата цена. Стравуваа дека ќе бидат намирени само обврските кон банките, но не и кон нив. По пет дена протести и блокада на патот Градско-Прилеп кај Росоман, продажбата е поништена. Винарницата на лозарите има должи над 600 илјади евра, а на росоманска фирма, која откупувала грозје за неа, околу 300 илјади евра. За среда е закажан состанок во Росоман помеѓу газдите на „Винеа” и лозаропроизводителите, на кој се очекува и претставник од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Сопственикот на „Винеа”, Горан Трајков, пред некој ден изјави за „Дневник” дека ако се поништи продажбата, има обезбедено кредит од друга банка, со кој би го вратил хипотекарниот кредит за сметка на кој била продадена винарницата за 60 проценти пониска цена од реалната вредност. А ако се поништел договорот, винарницата би застанала на нозе и од продажбата на вино би ги исплатила долговите кон лозарите.

Откако беше поништена продажбата, Драган Kанзуров како претставник на „Винеа“, им вети на лозарите дека грозјето од 2009, 2010 и од 2011 ќе им биде исплатено до крајот на овој месец, а тоа од 2012 до законскиот рок, крајот на април. Во меѓувреме продолжуваат блокадите на патот.

Светлана Дарудова

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …