Остатоци од денешниот ручек, тврд леб, нагмечено овошје и зеленчук, скиснат јогурт или мувлосано сирење поради истечен рок завршуваат во контејнер.
Дали некогаш сте се прашале што се случува со расипаната храна како и таа чиј рок на употреба поминал, колкави се тие количества, колкави се количествата на вишокот кој останува од оброците и каде завршуваат? Дали можела да се искористи подобро за да не заврши на буниште? Освен што пред истекот на рокот на употреба ќе ви ја понудат на акциска продажба по пониска цена во некој локален маркет потоа како да ~ се губи секоја трага. Граѓаните со жалење констатираат дека фрлаат храна.
– Гледам да фрлам што помалку храна, но кога ќе се расипе, немам што да ~ правам. Најмногу фрлам леб, овошје и зеленчук, бидејќи тие се најрасипливи – вели скопјанката Kатерина.
Официјалните податоци на депонијата „Дрисла“, каде што според законот би требало да заврши оваа неисправна храна, говорат дека за неколку години количеството уништена храна се зголемила трипати.
Така, ако во 2012 година биле уништени само половина тон храна со поминат рок, најчесто млечни производи, лани таму завршиле околу 1.500 тони прехранбени производи.
– Во согласност со Законот за постапувањето со отпад, во депонијата „Дрисла“ се уништува отпад од прехрана со поминат рок по барање на правно или физичко лице кој се идентификува и за кој отпад по уништувањето се издава записник од наша страна. Месечните количества за овој вид отпад варираат во зависност од многу параметри, но гледано на годишно ниво имаат растечка тенденција. Овој отпад не потекнува од ресторани, ќебапчилници или од граѓани и за изминатата година изнесува 1.421.520 килограми и најчесто се уништуваат производи од млечната индустрија – велат во „Дрисла“.
Од скопските ресторани велат дека ако порано добар дел од храната завршувала во отпад, сега најчесто граѓаните нарачуваат толку колку што им се јаде.
– Ако споредуваме од пред пет години и сега, можам да констатирам дека порано се фрлаше повеќе храна оти никој од гостите не сакаше остатоците да му бидат спакувани за дома. Сега е почеста практика самите гости да бараат да им се спакува. Значи, сега с` што е храна, што не се изело – најчесто се пакува. Можам да кажам дека с` уште се фрла храна, но не во толкави количества како порано. Најмногу се фрла леб, со вреќи, бидејќи многу малку гости го консумираат, а месо не се фрла толку – вели Мирко Голомеиќ, сопственик на ресторантот „Рагуза“.
Во големите прехранбени фирми тврдат дека храната со поминат рок завршува на „Дрисла“. Од кондиторската индустрија, пак, велат дека кај нив многу малку од производите се враќаат во фабриката поради изминат рок, бидејќи најчесто „грижата“ за нив им е оставена на маркетите.
– Законски, храната со изминат рок треба да заврши на депонија. Kај нас не се враќа бидејќи ако има некоја храна со поминат рок со тоа се справуваат маркетите. Ретко се соочуваме со артикли со поминат рок, зошто рокот на траење на нашите производи е 8 месеци. Поголем проблем имаат млечната и месната индустрија каде што рокот на траење е многу помал – вели Фросина Мешкова, директор на „Свислион“.
Во ЕУ плански се фрла храна
Во услови кога 16 милиони граѓани не можат да си обезбедат пристоен оброк, во Европската Унија се фрлаат 89 милиони тони храна. Затоа, Европскиот парламент поведе иницијатива за делумно намалување на количествата фрлена храна со план до 2025 година тие да се преполоват.
– Во услови кога во светот има милиони хронично гладни, а рецесијата регрутира и нови и тоа од богатите држави, потребна е повеќе од кога и да е иницијатива за освестување на граѓаните во врска со храната – се вели во документот на ЕУ.
Американците рекордери
Светот фрла една третина од храната која е произведена на годишно ниво, со што отпадоците од храната се третиот по големина извор на емисиите на стакленички гасови, се вели во извештајот на Обединетите нации.
Организацијата за храна и земјоделство на ОН направи истражување кое покажа дека секоја година залудно се трошат околу 1,3 милијарда тони храна.
Рекордери по фрлена храна се Американците, кои во 2011 година фрлиле се 34 милиони тони. Ова значи дека едно просечно американско семејство годишно фрла непотребно 600 долари од својот буџет, преку неискористената храна која завршува како отпад.
Извор: dnevnik.mk