Почетна / Вести Македонија / Двојно помал извоз на јагниња

Двојно помал извоз на јагниња

Извозот на јагниња од Македонија за време на празниците е намален за околу 64 проценти во споредба со истиот период лани.

Повеќе кланици од земјава се жалат на драстичниот пад на извозот на јагнешко месо, а трендот го потврдуваат и од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Според Абдулезел Догани, заменик-претседател на Агенцијата за храна и ветеринарство,
дефинитивно има големо намалување на извозот на јагнешко месо од Македонија во периодот на католичкиот Божик.

– Лани извозот почна на 12, а траеше до 21 декември, за кој период се извезени 30.791 јагне, односно околу 295.000 тони. Годинава извозот почна на 16 декември, а завршува денеска и ќе се извезат вкупно околу 11.000 јагниња, односно околу 100.000 тони. Главната причина за ваквата ситуација е тоа што е намалена побарувачката од европските пазари главно поради должничката криза во Европа – вели Догани.

Kирил Ристоски од кланицата Ново Село вели дека годинава за време на католичкиот Божик извезле само 1.200 јагниња. Според него, покрај европската должничка криза, извозот на јагниња е намален и поради неконкурентноста на домашните компании на европскиот пазар.

– Тежината и цената на нашите јагниња е некомпатибилна со побарувачката на пазарите во Европа. Нашите јагниња се претешки за барањата на западните пазари. Таму се бара јагне од 12 до 20 килограми, а и цената е повисока од конкурентите од Романија и од Грција каде што во малопродажба јагнешкото достигнува 5 евра за килограм – вели Ристоски. Тој апелираше до надлежните институции да воведат единечна цена за откуп на јагниња, која во текот на целата година би изнесувала околу 150 денари за килограм. Исто така, тој побара и поголеми стимуланси од државата за компаниите извозници.

И сопственикот на кланицата „Серта компани“ од Kавадарци, Ристо Михајлов потврдува дека извозот на јагнешко месо на италијанскиот и на хрватскиот пазар годинава е драстично намален во споредба со лани. Kланицата, која е најголем извозник на јагнешко месо од Македонија, досега секоја година извезувала од 12.000 до 15.000 јагниња за новогодишните и за божикните празници. Годинава нарачките се многу помали.

– Тоа се должи на кризата во Италија и во Хрватска, но и на тактизирањето на македонските производители на јагниња, кои не сакаа пред десетти овој месец да ги продаваат јагнињата. А со години 17 декември ни беше последен ден за товарање и за извоз на македонско јагне – објаснува Михајлов.

Тој нагласува дека пазарот ги диктира условите за цените и за откупот на јагнето, а додека сточарите чекаат подобра цена, времето за откуп на јагниња поминува.

– Загубите с` уште не сме ги процениле, но сигурно е дека тие ќе бидат огромни. Ќе има разочарување и кај производителите на јагниња оти цената е многу пониска од порано, но тоа се должи на кризата на италијанскиот пазар – вели Михајлов. (Г.Р. – С.Д.)

Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=1F41F395B1449C459EDDA7B81CEE7EF4

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …