Почетна / Вести Македонија / Државното земјиште се поатрактивно за земјоделците

Државното земјиште се поатрактивно за земјоделците

Неплатена закупнина со години, подигање едногодишни насади наместо повеќегодишни, немање елаборат и бизнис-план се само дел од проблемите што го следат издавањето на државното земјиште под закуп.

Според официјалните бројки, од вкупната површина на Македонија околу 48 отсто отпаѓаат на земјоделското земјиште. Притоа, од овие околу 1 милион хектари околу една третина, или 521.000 ха, се сметаат за обработливи. Државата има околу 20 отсто од ова земјиште, или околу 200.000 хектари

До 2006 година Министерството за земјоделство има склучено вкупно 411 договори за закуп за вкупна површина од 98.150 ха, а во период од 2006 до 2012 година има склучено 6.363 договори за закуп на земјоделско земјиште со вкупна површина од 54.061 хектар. Во Земјоделската инспекција потврдуваат дека заинтересираноста за државното земјиште расте со секој нареден оглас, но објаснуваат дека има големо непочитување на договореното од страна на некои фармери. Во земјоделските здруженија, пак, официјално негираат дека нивни членови ги кршат договорите за закуп со државата, но во неформални разговори потврдуваат дека малверзации има. Во Министерството за земјоделство велат дека огласувањето на државна земја ќе трае с` додека не се издаде и последното парче што може да се обработува.

– Од вкупното обработливо земјиште најголем процент се ораници и бавчи, или 424.000 ха, овоштарници се на површина од 14.000 ха, лозја на 22.000 ха и ливади на 61.000 ха. Околу 51 отсто, или 541.000 ха од вкупното земјоделско земјиште се пасишта. За 2011 и 2012 година имаме распишано 16 јавни огласи и објавивме 13 јавни повици за прибирање понуди и склучени се вкупно 2.760 договори за површина од 11.434 хектари. До крајот на годинава ќе има уште државна земја за сите што сакаат да ја обработуваат – велат во Министерството за земјоделство.

Во Земјоделскиот инспекторат објаснуваат дека нивната надлежност започнува откако ќе се потпише договорот за закуп.

– Точно е дека ние ја преземаме контролата. Досега откривавме многу неправилности – неплаќање концесија, немање бизнис-план, отсуство на елаборат. Откако ќе ги утврдиме неправилностите, нашата надлежност завршува со поднесување предлог до Министерството за раскинување на закупот – вели Румен Стаменов, директор на Земјоделскиот инспекторат. Тој објаснува дека од нивна страна се толерира садењето едногодишни култури за земја која е земена за подигање долгогодишни насади првите две години.

– Ако земјиштето е земено за подигање овоштарник, а има насадено пченица, во првата година се толерира бидејќи голем дел од државната земја е необработена подолго време. Но по втората година очекуваме подигање на насадот што го има во бизнис-планот – вели Стаменов.

Во Сојузот на земјоделците официјално велат дека досега немало злоупотреба на државната земја од нивни членови. Неофицијално објаснуваат дека имаат сознанија за ненавремено плаќање на закупнината и неинвестирање во бизнис-план.

– Никој од нашите членови не зеде земја за потоа да не ја обработува или само за да земе субвенции. Kиријата е голема и ако не се обработува, нема од што да се плати. Можно е да има и такви случаи, но до нас не стигнале тие информации – велат во Сојузот.

Доделувањето на земјиштето за обичните земјоделци е со посебен начин на бодирање. Околу 60 отсто од бодовите се добиваат по местото на живеење, а четириесет според цената што ја нудат за закуп.

– За правните лица критериумите се построги и треба да имаат бизнис-план, цена на закупот, број на вработени лица во фирмата и други критериуми. Но, за сметка на тоа, тие добиваат поголеми парцели – објаснуваат експертите.

Во Законот за земјоделското земјиште се предвидени и парични казни и за оние што имаат склучени договори за закуп, а што не ги почитуваат одредбите, и тие се од 1.000 до 100.000 евра за правни и физички лица кои извршиле привремена пренамена за неземјоделски цели, вршат загадување на земјоделското земјиште или не го вратиле земјиштето во првобитна состојба.

Валентина Ангеловска

Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=D7A6966FED12D742BF31E424A868CD69

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …