Почетна / Агроекономија и агробизнис / До крајот на годинава литар зејтин – 120 денари

До крајот на годинава литар зејтин – 120 денари

Горан Лазов, прв човек на фабриката за масло “Благој Ѓорев” од Велес, очекува во маркетите до крајот на годинава литар масло да се продава по 120 денари.

 

Цената на маслото за јадење моментално мирува, но се очекува до крајот на годинава да оди нагоре. Горан Лазов, прв човек на фабриката за масло Благој Ѓорев” од Велес, очекува во маркетите до крајот на годинава литар масло да се продава по 120 денари. Лазов вели дека сушата си го стори своето, го преполови родот во соседните земји од каде македонските производители се снабдуваат со сурово масло. Тон сурово масло на светскиот пазар достигна цена од 1.100 евра по тон, што е за 50% повисока од минатогодишната.
-Со сегашната фабричка цена од 93 денари за литар едвај се покриваме. Мораме да ја покачиме бидејќи цената на суровините расте секој ден. А што е полошо, сурово масло нема од каде да се купи. Србија забрани извоз. Сончоглед нема ниту во Романија, Украина, Унгарија, Хрватска – вели Лазов.

Соседна Србија поради намалениот род го забрани извозот на сончогледот, но на нашиот пазар продава рафинирано масло и тоа по пониска цена. Српските производители добивале субвенции, па затоа за 4 до 5 денари поевтино од македонското го продаваат маслото за јадење. Според Лазов, од Бугарија се уште може да се купи сурово масло, меѓутоа, по висока цена, која постојано расте. Кај нас, од 3.000 хектари под сончоглед колку што беа посеани, се очекува да бидат собрани едвај 5.000 тони сончогледово семе кое е доволно само два месеци работа на велешката фабрика.
– Решението е во зголемување на површините под сончоглед кај нас. Кога, се разбира со помош на Владата, под сончоглед би се посеале половина површини од оние што беа пред три децении, македонските производители ќе имаат доволно суровини и цената ќе биде далеку пониска од онаа што е сега. Домашните суровини се најквалитетни и најевтини кога се знае само колку земјоделци ќе бидат ангажирани и колку ќе можат да си обезбедат егзистенција – вели Лазов.
Со производителите кои за десетина дена треба да почнат со собирање на родот, велешката фабрика склучи договор. Им гарантира откуп на целокупниот род по цена од 30 денари за килограм сончоглед плус ДДВ, што е за 50% повеќе од лани. Парите за откуп навреме ги обезбеди. Најголем производител, со посеани 2.000 хектари е ЗК Пелагонија” од Битола, додека останатите се земјоделци кои имаат мали површини од прилепскиот и битолскиот регион. Во Скопско, Кумановско, Струмичко, овчеполието, сончоглед нема, а и она што беше посеано, поради сушата, не никна.

Моментално велешката фабрика има доволно суровини и масло за јадење. За обезбедување на суровини во тек се преговори со Кина за извоз на рафинирано масло во замена со сурово масло кои би биле доволни за работа на фабриката до крајот на оваа и наредната година. (С.А.)

Извор:http://vecer.com.mk/?ItemID=2F421671FF0465459E451628126C9E93

Check Also

ИПАРД грантови за насади од лешник

Во очекување на првиот повик од новата ИПАРД 2 програма за кофинансирање и  финансиска помош, …