Во Пониква е предвидена изградба на 135 викенд-куќи, 12 комерцијални објекти и спортски терени. Во Берово на првата локација ќе се гради етно-комплекс, наменет за алтернативен и здравствен туризам. Во Крушево, на три помали локации, ќе се градат хотелски единици. Во Голак, Делчево ќе се гради викенд-населба и туристички комплекс.
Владата ќе го поттикне развојот на планинскиот туризам, ќе инвестира во планинските туристички центри и во изградба на нови сместувачки капацитети во планински амбиент на неколку локации во државата. Станува збор за локациите Пониква Кочани, Етно-парк Берово, и Беровско Езеро – Берово, Крушево, Голак-Делчево, Јанков Камен – Вевчани и Лазарополе, Галичник и Тресонче во Маврово и Ростуше.
-Во Пониква е предвидена изградба на 135 викенд-куќи, 12 комерцијални објекти и спортски терени. Комплексот е на површина од 20 илјади квадратни метри. Во Берово на првата локација ќе се гради етно-комплекс наменет за алтернативен и здравствен туризам. Туристичкиот центар кај Беровско Езеро се наоѓа на потегот до самиот брег на езерото каде ќе има хотелски комплекс и викенд-населба. Во Крушево, на три помали локации ќе се градат хотелски единици, всушност тоа ќе биде еден туристички комплекс во близина на езерото во Крушево кој ќе биде составен од мини-хотели. Во Голак, Делчево ќе се гради викенд-населба и туристички комплекс – информира портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев.
Во наредните 30 дена, почнувајќи од вчера, општините Кочани, Берово, Крушево и Делчево треба да распишат постапка за отуѓување на градежно земјиште сопственост на Република Македонија по пат на јавно наддавање за сите локалитети.
-Во првата напредна фаза се опфатени Пониква, Кочани, Етно-парк Берово и Беровско Езеро, Крушево и Голак – Делчево за кои ќе се распише постапка за отуѓување на земјиште за изградба на нови сместувачки капацитети во соодветни туристички комплекси, а во два од нив Пониква и Крушево ќе се инвестираат и 140 милиони денари за изградба на нови атрактивни спортски содржини – рече Ѓорѓиев.
За втората група туристички локалитети, информира тој, Владата препорача во наредните 15 дена општините Маврово и Ростуше за локалитетите кај село Галичник, Лазарополе и Тресонче, Радовиш за Плачковица, и Вевчани за Јанков Камен, да отпочнат со постапка за донесување урбанистичко-планска документација со која ќе предвидат локации за нови сместувачки капацитети со планинска конотација. Со овој проект се создаваат услови за поголем развој на планинскиот туризам кој ќе придонесе за поголем локален економски развој на општините со тоа што ќе се отворат нови работни места и ќе има подобри услови за развојот на летниот и зимскиот туризам. (С.Р.)
Извор:http://vecer.com.mk/?ItemID=07D3E42A40CCCD4F8D14D54C285096DB