Kако што велат од претпријатието „Паркови и зеленило“, првата пратка е веќе нарачана од Италија и од Холандија Kон средината на март треба да започне засадувањето на автохтоните растенија во Ботаничката градина, што се простира во рамките на Зоолошката градина.
Истовремено до секое од нив ќе има табла, на која ќе биде испишан латинскиот назив на растенијата, како и земјата од која потекнуваат, информираат од јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, чии екипи се ангажирани за ботаничката градина.
– Првото количество на овие садници веќе е нарачано и нивното садење ќе започне кон средината на март. Некои од нив се од Италија, а некои од Холандија. Освен овие садници, екипи на „Паркови и зеленило“ ќе одат на македонските планини од каде исто така ќе донесат вакви ретки видови растенија. Садењето мора да биде систематско, а ќе се бара помош и од Шумарскиот факултет – велат од претпријатието.
Од Градот информираат дека ќе се изработи и проектна документација за стаклениците за автохтони растенија, по што ќе се пристапи кон реализација на овој дел од проектот и со тоа ќе биде комплетирана целата ботаничка градина.
– Овие стакленици ќе бидат потребни за да се засадуваат автохтони растенија од други краеви во светот, како што се Малезија, Шри Ланка итн. – објаснуваат од „Паркови и зеленило“.
Идејата за ботаничката градина, како што велат од таму, се црпи, пред с`, од Белград, каде што стручњаци од „Паркови и зеленило“ биле во специјална посета.
– Таму има импресивна градина стара 175 години, која се простира на околу седум хектари, а од чии влезници годишно се собираат приближно по 120.000 евра – информираат од претпријатието.
Од Градот, кој ја финансира изградбата, велат дека минатата година се завршени најголем дел од работите за уредување на просторот.
– На површина од два хектара, формирани се повеќе содржини: пешачките патеки, два видиковца, две од четирите перголи, како и бунарските системи за полевање. Исто така, поставено е и јавното осветление со нова подземна инсталација, како и оградата меѓу двете градини. Подигнати се четири моста што ќе ги поврзуваат ботаничката и Зоолошката градина – информираат од одделението за односи со јавноста во Градот.
Освен тоа, од таму додаваат дека просторот е облагороден со тревни насади и се прават подготовките за засадување на автохтоните растенија.
За опремување на градината градските власти предвидоа над 200.000 евра. Но, како што велат, по изработката на проектите, ќе биде точно прецизирана финансиската проекција.
(А.П.)
Извор: dnevnik.mk