Почетна / Агроекономија и агробизнис / Битола ќе гради европски пазар

Битола ќе гради европски пазар

Пред Нова година треба да почне првата фаза од реконструкцијата на зелениот пазар во центарот на Битола, каде што ќе се отстранат старите тезги со азбестен покрив. Од Општина Битола велат дека нема да им пречат временските услови зашто ќе биде поставена монтажна конструкција. Во првата фаза зафатот ќе опфати 1.200 квадратни метри од централниот дел на пазариштето.

– Убедени сме дека ова е добар период за работа зашто во пролет, лето и во есен на пазарот се нудат многу производи. Зимскиот период е порелаксиран, нема многу луѓе што ги користат тезгите. Пазарот ќе се модернизира, ќе се направи по европски модел, ќе се постават комотни тезги, чија хигиена лесно ќе се одржува – вели градоначалникот Владимир Талески.

Реконструкцијата во првата фаза ќе чини 12 милиони денари, од кои 8 милиони денари ќе плати Општината, а остатокот Јавното претпријатие „Пазари“. Со реновирањето тезгаџиите ќе добијат простор каде што ќе можат да ги продаваат земјоделските производи заштитени од временските влијанија и каде што ќе се одржува хигиената, која сега не е на високо ниво. Kупувачите ќе можат да набавуваат побезбедна храна. Ќе се постави и таканаречен печатен под, кој е многу лесен за одржување. Новиот лик нема да ја зголеми пазаришната такса.

– Очекуваме целосно да се искористи просторот во пазариштето зашто сега има делови кои не се во функција. Ќе се зголеми понудата во простор, во тезги, а немаме намера и да ги менуваме цените – вели Благој Дивитаров, директор на ЈП „Пазари“.

Реконструкцијата предвидена во првата фаза ќе трае до летото. Со неа конечно ќе се санираат оштетувањата што се појавија од обилните снежни врнежи во текот на зимата. За зафатот претпријатието има добиено дозвола и од Министерството за култура зашто пазариштето е старо неколку века и е под заштита, па ликот не смее да му се менува.

Тезгаџиите ќе добијат лиценци

Освен што ќе се среди пазарот, ќе се реши и статусот на тезгаџиите што продаваат храна во пазарот. Не ќе може наоколу да продаваат диви продавачи или да влегуваат во пазарот и да ја уриваат цената на производите. Напролет тезгаџиите ќе добијат лиценци за трговци на зелени пазари.

– На некои од тие што се надвор ќе им обезбедиме да влезат во пазарот и да продаваат регуларно. Kако групација на пазари со Министерство за економија работевме на закон кој ќе стапи во сила од март. Се решава статусот на тезгаџиите со издавање лиценци. Тие ќе бидат трговци на зелени пазари. Ќе се самовработат, ќе плаќаат паушален данок и ќе немаат обврска да водат деловни книги и да издаваат фискални сметки – вели директорот на ЈП „Пазари“, Дивитаров.

Жанета Здравковска

Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=878F677BB0143C4CADB3D37F3081821D

Check Also

ИПАРД грантови за насади од лешник

Во очекување на првиот повик од новата ИПАРД 2 програма за кофинансирање и  финансиска помош, …