Жените-земјоделки имаат потреба од економска сигурност и општествено признание. Тие заслужуваат многу поголема афирмација зашто се столб на семејството и чувари на македонската традиција, се грижат за домот, децата, храната,…
Неопходно е сами да се здружат и активно да се вклучат во креирањето на аграрната политика. Ова е пораката од манифестацијата по повод Меѓународниот ден на руралната жена што се одржа во комплексот Етно село”, Кумановско.
– Ние сме двигатели на семејството, постојано и рамноправно работиме со нашите татковци, мажи, браќа, синови. Не ни преостанува ништо друго туку да се здружиме и наместо срамежливо, со кренати глави да се бориме за нашите права и интереси – рече Љубица Џониќ, земјоделка и член на УО на Федерацијата на фармери (ФФРМ).
Според претседателот на Федерацијата на фармери, Андрија Секуловски, загрижува малата вклученост на жените во земјоделските здруженија, во бизнисот и во донесувањето одлуки за развој на земјоделството.
– На жените од руралните средини отпаѓаат 1,6 милијарди или преку четвртина од вкупното светско население. Произведуваат речиси половина од храната, до 80% во Африка, 50% во Азија и околу 40% во Јужна Америка и западните земји. Овие и други слични податоци се доволен поттик и нашите земјоделки да се обединат и да се изборат за своите права, да бидат поактивни и вистински лидери, придвижувачи на земјоделскиот процес – истакна Секуловски.
Извор: http://vecer.com.mk/?ItemID=2BDAC1A84FF92C4AAC3E3C20123592F3