Почетна / Лозарство и овоштарство / Во казаните се пече помалку ж’та

Во казаните се пече помалку ж’та

Во Тиквешко замириса на ракија, но лозарите велат дека есенва, поради подобрата цена за килограм грозје отколку претходните години, одлучиле да остават помалку грозје за преработка во домашни услови. Поголемиот дел од родот на виновите лози го продале во винарниците и веќе си ги зеле парите.

– Веќе не се исплати човек да вари ракија. Цената за грозјето што ја понудија преработувачите беше добра, а за да се пече ракија дома во казан има трошоци за дрва и згора на тоа и фамилијата треба да се малтретира, сите да бидат ангажирани околу огинот. А ракијата потоа или ќе ја продадеш или не. Вака си зедовме готови пари – коментираат тиквешки лозари за „Дневник”.

Kавадарчанецот Илија Нанчев е само еден од многуте што наместо поранешните околу 3 илјади килограми грозје, годинава оставил околу 1.200 за од нив да прави домашна ж’та. Има 16 декари под лозје, а ракијарството е семејна традиција во фамилијата уште од прадедо.

– Работев во една фабрика, па во друга, станав стечаен работник, па сега чекам пензија. Во меѓувреме варев повеќе ракија во казанот во дворот, па продававме по некое кило за живот, но сега поради задоволителната цена на грозјето, ќе испечам помалку ж’та. За дел од грозјето што го продадовме кај откупувачи веќе зедовме некој денар, за разлика од пред некоја година кога мака мачевме да дојдеме до нашите со пот заработени пари – вели Нанчев.

Притоа додава дека и понатаму ќе ја продолжи семејната традиција и ќе вари ракија за своето семејство и за да пречека гости оти во Тиквешко не бидува куќа без домашна ж’та, ама подобро било да има добра цена за килограм грозје и навремена исплата на откупениот род отколку дома да се вари ракија и очекува наредните гроздобери да бидат релаксирачки како годинашниов.

– „Смедеревката“ никогаш не била побарана од годинава. Најзастапената бела винска сорта на грозје се покажа како суперквалитетна и доста рентабилна. Сите ја бараа и постигна одлична цена. Уште и ако е под систем за наводнување, тогаш дава супер килограми. Сепак, јас вадам најубава ракија од најзастапената црна сорта грозје „вранец”. Додуша, оставив и малку „смедеревка” за ракија, ама најголемиот дел го продадов во винарница – открива Нанчев.

Лозарите ја продаваат ракијата стандардно по околу 100 денари за литар. Тие велат дека во изминатите години поради тоа што винарниците не им го плаќале морале, да ја снижуваат цената оти преработиле повеќе грозје, па им се создале резерви. А морале да преживеат, па ја спуштале цената. Сега очекуваат во домашните визби да сместат помалку ракија, па цената на тиквешката домашна ж’та ќе рипне.

Светлана Дарудова

Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=7A6E02445408694696B1AF3AFC339126

Check Also

Актинидија (киви)- Actinidia chinensis

Актинидијата потекнува од Кина од долините на реката Јанг це Кјан. Таа е дводомно растение, …