Почетна / Вести Македонија / Агенцијата за храна тврди дека не се продава старо месо како свежо

Агенцијата за храна тврди дека не се продава старо месо како свежо

Агенцијата за храна и ветеринарство вчера преку писмо до редакцијата „Дневник“ одговори на наводите во текстот под наслов „Јадеме свежо месо старо 18 месеци“ објавен на 22.12.2012 година.

– Во насока на објективно информирање, како неосновани ги отфрламе наводите дека замрзнато, па одмрзанато месо во месарниците се продава како свежо – тврдат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Според нив, станува збор за паушални наводи и за непознавање на законските и подзаконските акти кои ја регулираат оваа материја, ниту, пак, ја отсликуваат реалната состојба со производството, увозот и трговијата со месо и месни преработки во земјава.

Свинско месо во државава, според официјалните податоци на Агенцијата за храна и ветеринарство, воопшто не се увезува од Бразил, а говедското свежо месо, во земјава се носи исклучиво од европските земји, не од јужноамериканските како што се тврди во написот.

– Рокот на траење на месото, не е „само“ 18 месеци, туку од 18 до 24 месеци или постаро, е возраста на животните кои се колат. Република Македонија ја има целосно хармонизирано законската регулатива со европската кога станува збор за увоз, преработка и трговија со месо, вклучително и на замрзнато – децидни се од Агенцијата.

Оттаму додаваат дека во некои случаи роковите за употреба на замрзнатото месо, македонските закони за одредени категории месо се поригорозни и од европските. Таков бил случајот со механички обескостеното месо, чиј рок во ЕУ е до една година, а кај нас само 3 месеци.

– Замрзнатото месо законски е дозволено да се продава, но не како свежо, туку како саламурено. Дозволено е и мелење на замрзнато месо, но тоа мора да е наведено во декларацијата за да не се доведе потрошувачот во заблуда дека купува мелено свежо месо – велат од Агенцијата.

Тие додаваат дека нивните инспекции редовно вршат контроли на домашниот пазар, вклучително и на месото што се увезува, како и на операторите што го продаваат и го преработуваат. Тие ги охрабруваат граѓаните да ја пријават секоја недоследност што ќе ја забележат до инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=956EC3B2122F9147B57220F7027542B6

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …