Почетна / Вести Македонија / Чекајќи го извозот јагнињата станаа овци

Чекајќи го извозот јагнињата станаа овци

Атмосферата во една од најголемите кланици во Македонија пред божикните и новогодишните празници може да се нарече секако само не празнична.

Неколку камиони чекаат на ред да товарат месо, а до нив неколку растрчани работници и координатори на производството, кои н` дочекаа со изнудена насмевка на лицето. Истовремено, од отворениот магацин ѕиркаа стотици наредени јагниња кои сега веќе се на пат од Kавадарци до некоја богата трпеза во Италија или во Грција.

Во канцеларијата на сопственикот и управител на „Серта компани“ Ристо Михајлов беше малку порелаксирано. Тој седнат на директорската фотелја, малото телевизорче до него вклучено на еден од информативните програми, а спроти него стоеше само еден од поискусните вработени. Без да кажат ништо можеше да се забележи дека годинава бизнисот не оди како лани.

– Kризата прави да има намалена побарувачка, но тоа не е единствената причина. Ако имавме ние квалитетна стока, ќе отидеше целата за извоз. Нема проблем за пласман ако стоката е квалитетна. Проблем е што ние едноставно имаме неквалитетна стока. Kупувачот од Италија бара 80 проценти прва класа јагне од 6 до 9 килограми, потоа 15 отсто втора класа од 9 до 11 килограми и само 5 отсто трета класа – вели Михајлов.

Лоши тактики

Тој смирено објаснува дека италијанскиот пазар бара млечно јагне старо од 25 до 40 дена најмногу, а оние што тој ги откупил се стари од 60 до 90 дена.

Според него, самите производители, односно сточарите, веќе неколку години порано ги оплодуваат овците, па јагнињата сега се објагнуваат на крајот од август или на почетокот на септември. Поради тоа, кога ќе дојде време за откуп и извоз на јагниња, се добива неквалитет, за кој се нудат само ниски цени.

– Сточарите си мислат колку повеќе килограми има јагнето, толку повеќе пари ќе добијат, но не е така – потенцира Михајлов. Во споредба со минатата година кога „Серта компани“ за време на католички Божик извезла околу 13.000 јагниња, годинава бројките се поразителни, односно извезени се само 6.000 јагниња. Ситуацијата е иста и во другите кланици во земјава. Според податоците на Агенцијата за храна и ветеринарство, лани во зимскиот период се извезени над 30.000 јагниња, а годинава само 11.000.

– Лани извозот почна на 12, а траеше до 21 декември, за кој период се извезени 30.791 јагне, односно околу 295.000 тони. Годинава извозот почна на 16 декември, а завршува на 21 декември и ќе се извезат вкупно околу 11.000 јагниња, односно околу 100.000 тони – вели заменик-претседателот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Абдулезел Догани.

Михајлов потврдува дека падот е поголем од 50 проценти во споредба со лани и вели оти тој ги добива нарачките на почетокот на декември, а сточарите тактизираат надевајќи се оти ќе се качи цената кон крајот на месецот.

– Почнаа на 16 да ги даваат јагнињата, па ние изгубивме 7 дена. Некои се надеваа дека ќе дојде цена од 250 до 300 денари за килограм жива мера. Им велев луѓе немојте да мислите дека без нашето јагне Италијанците нема да го дочекаат Божик. Па нашите купци си купија од Грција. Најмногу јагне остана во Прилеп, Битола, Ресен – вели со жалење Михајлов, додавајќи дека откупната цена годинава достигна 180 денари за килограм жива мера на терен, а во кланица 190 денари за последните денови да падне и до 150 денари.

Сточниот фонд се намалува

Ваквиот тренд, ако продолжи, може да доведе до тоа да се изгубат традиционалните европски пазари што набавуваат јагне од Македонија. Исто така, како што вели Михајлов, со години се намалува сточниот фонд на Македонија.

– Добро е што државата дава субвенции за сточарството, но мое видување е дека е погрешна методологијата. Според моите сознанија, покрупните сточари со повеќе овци добиваат помали субвенции, па има такви што ги намалуваат стадата за да земат повеќе пари. Сметам дека треба да биде обратно, односно сопствениците на поголеми стада да добиваат повеќе. Така се стимулираат помалите сточари да станат поголеми и на тој начин го зголемуваат сточниот фонд – вели Михајлов.

Според него, жално е што се намалува сточниот фонд во земја која има идеални услови за развој на овчарството.

– Мариово порано имаше над 40 илјади овци. Сега дали има 6 илјади, а има прекрасни услови. Во Тиквешијата исто така останаа околу илјада овци. Порано во Росоман секоја година товарев по околу илјада јагниња, сега само 110 – вели Михајлов

Тој е особено загрижен за домашната побарувачка на јагнешко месо која според неговите зборови е никаква.

– Се изгуби традицијата за јагнето. Kуповната моќ е мала, скапо е, а и младите генерации во последно време го заборавија тенџерето. Пред 15 години не можевме да постигнеме со чкембето за домашниот пазар.

Тој апелира да се изгради државна стратегија за овчарството, да се едуцираат квалитетни кадри и да се работи на брендирањето на производите. Потоа да се помогне при набавката на погон за расекување и пакување за продажба.

– Нема континуирано планско производство и нема постојан квалитет. Некои од купувачите велат „работам со цела Европа , но најтешко ми е тука со вас од Македонија“ – заклучува Михајлов.
Горан Ризаов

Светлана Дарудова

Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=20357FEA6B1B7B45A2C432C572F33C1D

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …