Во Свети Николе следните шест месеци ќе се спроведува проектот Брендирање на руралните бизниси со цел задржување на младите во руралните области.
Целта е да се зголеми бројот на претприемачки бизниси во микро-регионот Свети Николе-Штип преку идентификација на руралните традиционални бизниси со највисок потенцијал и нивно претворање во профитабилни компании, како и да се намали економската стапка на миграција на младите и преселбата во поголемите градови или заминувањето во странство.
Проектот го финансира Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) преку Програмата за поддршка на социјално претприемништво за млади.
– Развојот на руралните традиционални бизниси во претприемнички бизниси ќе им овозможи на младите луѓе од микро-регионот Свети Николе-Штип подобри и поголеми шанси за наоѓање вистинската работа и продолжување на животот во нивната општина. Со предвидените активности директно ќе се влијае на невработеноста кај младите, како една од најголемите социјални проблеми – беше речено на промоцијата.
Проектот предвидува обуки за маркетинг и промоција на мали, рурални бизниси, обуки за е-маркетинг и промоција преку социјалните мрежи, обуки за продажни техники на традиционални производи, како и обуки за брендирање на традиционалните производи. Во него ќе се вклучат сопствениците на традиционалните бизниси од микро-регионот, членови на нивните потесни семејства – потенцијални наследници на нивните бизниси. За имплементација се задолжени Здружението за развој, претприемништво и претприемачко учење Марвел-АДЕЕЛЛ, компанијата СИ комуникејшн од Скопје и Општина Свети Николе.
– Проектот ќе придонесе за развивање на бизнис потенцијалот во овој микро-регион преку ставање фокус на подобра промоција на традиционалните производи и за задржување на младите луѓе и нивно мотивирање да го пронајдат своето идеално место во овие две општини, а не надвор од Македонија. Зголемувањето на бизнис потенцијалот на традиционалните бизниси, пак, ќе генерира поголем број работни места за младите жители на овој регион – рече Благица Л’скова, координатор на проектот.
Извор: vecer.com.mk
агри.мк Портал за промоција, развој и поттикнување на земјоделството во Македонија