Почетна / Вести Македонија / Земјоделците задоволни од државните субвенции

Земјоделците задоволни од државните субвенции

На земјоделците им се потребни поволни кредити со пониски камати и едноставни процедури, а такви кредити нуди државата преку Македонската банка за поддршка на развојот, а со нивното обезбедување се поттикна развојот на аграрот и преработката на храна.

Ова на прогласувањето на “Најпроактивни земјоделци за 2013 година” од страна на Прокредит банка, а во рамки на Саемот “Технома 2013” го изјави министерот за земјоделство Љупчо Димовски.

-Поволните услови од кредитните линии имаат директно влијание на натамошното задржување на интересот на земјоделците за вложување во нова механизација, опрема и современи објекти, во модернизирање на прехранбената индустрија, во обезбедување стандарди за квалитет и безбедност, а за откупувачите значат средства за откуп и посигурен пласман – нагласи Димовски.
Земјоделците се задоволни од државната поддршка и субвенциите.

– Годинашната реколта на пченица надмина 7 тони по хектар, количините се откупени и исплатени, реализирани се и субвенциите. При откупот немаше проблеми, но од цената не сме задоволни. Проблем моментно имаме со оризот кој не се откупува. Треба да се интервенира во овој дел – рече Глигорчо Димитриев од село Подлог, Кочани, првонаграден за житни култури.
Јетон Зекмани од битолското село Доленци, првонаграден за органско производство, рече дека во Македонија за овој тип продукција се уште нема пазар.

– Од органското производство допрва ќе има бенефит зашто секаде во западните земји е двојно поскапо од конвенционалното иако приносите се помали – рече Зекмани.

Парична награда од Прокредит банка добија и Киро Грковски од Банско, Струмица во категорија раноградинарско производство, ИЗ Делева Милена од с. Фурка, Дојран, во категорија долгогодишни овошни насади и Даниел Мацов од Слава, Прилеп во категорија сточарство.
– Наградените ќе имаат можност добиениот вредносен ваучер од 150.000 денари да го искористат за купување механизација или каков бил обртен капитал – истакна Емилија Спировска од Прокредит банка која за десет години работење исплатила 25.000 агро кредити од вкупно 67 милиони евра.

Извор: vecer.com.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …