Според податоците од Министерството за земјоделство во првите девет месеци годинава на европските пазари се извезени 313.666 хектолитри вино, во вредност од 15,3 милиони евра што е повеќе од двојно споредено со истиот период лани. Притоа извозот на вино во шишиња во Германија, која е најголем пазар за македонското вино е зголемен за шест и пол пати по количина и четири и пол пати по вредност.
Извозот на вино во шишиња на европските пазари во првите девет месеци е повеќе од двојно зголемен споредено со истиот период минатата година, покажуваат податоците на Министерството за земјоделство. Според обработените податоци за извоз на вино од Македонија, вкупно извезената количина на вино на светските пазари во првите 9 месеци на 2013 година изнесува 550.193 хектолитри, во вредност од 31,7 милиони евра. Од тоа, во рамките на ЕУ како најзначаен пазар за извоз на македонското вино, извезената количина на вино во истиот временски период изнесува 313.666 хектолитри, во вредност од 15,3 милиони евра.
Согласно податоците за извоз на вино се забележува повеќе од двојно зголемување на извозот на вино во шишиња во земјите-членки на ЕУ, како по количина така и по остварената вредност, во споредба со истиот период лани. Истовремено просечната цена за извоз на наливно вино во ЕУ е зголемена за 10,29 евра за хектолитар во споредба со истиот период минатата година. Според податоците на Министерството за земјоделство, во првите девет месеци годинава се извезени 69% од количините вино извезени во истиот временски период минатата година, остварени се 93% од девизниот прилив од истиот временски период во 2012 година на ниво на земјите-членки на ЕУ.
Бесцаринската квота за извоз на наливно вино на европскиот пазар, во 2013 година беше искористена уште во месец февруари.
На светско ниво, пак, забележително е зголемување на цената на виното од 11,57 евра за хектолитар, поради што, заклучно со 30 септември со извезени 73% од количините вино извезени во истиот временски период минатата година, остварени се 91% од девизниот прилив од истиот временски период во 2012 година.
Од Министерството за земјоделство велат дека овие податоци за извоз на вино покажуваат дека е остварена примарната цел од зголемената промоција и препознатливост на македонското вино.
– Извозот на вино во шишиња во Германија е зголемен за 6,5 пати по количина и 4,5 пати по вредност, на кинескиот пазар за скоро пет пати по количина и 2,5 пати по вредност, а на рускиот пазар пет пати по количина и 3,5 пати по вредност – велат од Министерството за земјоделство.
Грозјето се откупува по цени повисоки од лани
Откупните цени на грозјето во 2013 година во просек се за околу 1-2 денари за килограм повисоки од остварените цени за време на откупот во 2012 година, покажуваат прелиминарните анализи на Министерството за земјоделство. Смедеревката со 17 шеќерни единици се откупува по 11 денари за килограм, а Вранецот со 19 шеќерни единици по 13 денари за килограм, при што цената прогресивно расте согласно шеќерните единици.
– Ова е резултат на иницијативите преземени од страна на МЗШВ, во насока на подобро организирање на откупна сезона односно интензивирање на соработката и градење на дијалогот помеѓу лозаропроизводителите и претставниците на винскиот сектор и според информациите од Подрачните единици на Министерството, откупните цени за килограм винско грозје во 2013 година се почитуваат од страна на сите откупувачите на винско грозје – велат од Министерството за земјоделство.
Реално е да се очекува дека вкупното производство на грозје (трпезно и винско) во Македонија во 2013 година ќе го оствари просечниот вкупен принос од последните пет години од околу 250.000 тони, односно дека производството на вино од реколта 2013 година ќе постигне ниво помеѓу 90 и 100 милиони литри.
– Од аспект на откупот на винско грозје и врз база на тековните податоци на Министерството, оваа година од страна на производителите на вино ќе се откупат од 125.000 до 150.000 тони винско грозје. Заклучно со 1 октомври годинава откупени се 136.140 тони винско грозје. Истовремено, од страна на Министерството во текот на откупот на грозје оваа година не е забележан ниту еден посериозен проблем во однос на навременоста, количината и цената на откупеното грозје – велат од Министерството.
Извор:vecer.com.mk