Почетна / Вести Македонија / Земјоделците притискаат да се донесе буџетот

Земјоделците притискаат да се донесе буџетот

Фармерите и лозарите апелираат да престанат кавгите на политичките партии за делбата на народните пари и ако треба, пратениците да работат и дење и ноќе за до Нова година да го изгласаат буџетот.

 

Сојузот на земјоделци бара пратениците во Собранието до крајот на годинава да го изгласаат буџетот за 2013 година за исплатата на субвенциите да почне навреме, од март. Тие постигнале согласност со Владата за 130 милиони евра субвенции за 2012 година да се плаќаат од почетокот на пролетната сеидба до жетвата, од март до јуни.

Пелагониските земјоделци се жалат дека годинава поради сушата родот бил преполовен и претрпиле финансиски загуби, па неопходни им се пари за одржување на есенските посеви и за пролетната сеидба.

– Ако субвенциите не ни се исплатат навреме, ќе имаме отежната пролетна сеидба, не ќе можеме да набавиме семенски и репроматеријали. Овие неколку прашања се главна тема во селата во Пелагонија, со нив се станува и се легнува. Со субвенциите повторно живна производството на печенка во Пелагониско. Стотина земјоделци ја произведуваат и добиваме субвенции од 8.500 денари за хектар плус 3.000 денари за семенски материјали – вели Славчо Петковски од село Поешево, еден од најголемите производители на пченка во Македонија.

Според Велјо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделци, со субвенциите напролет ќе можат да ги покријат долговите и трошоците од есенската сеидба.

– Поради сушата и намалените приноси, особено кај пченицата, земјоделците останаа без доволно пари за негување на посевите засеани есента, на околу 150.000 хектари. Во Пелагонија станува збор за 25.000 хектари со житни култури – пченица, јачмен, ’рж. Субвенциите ќе ни требаат за набавка на минерални ѓубрива и за заштита на растенијата од штетници и од болести – вели Тантаров.

И лозарите побараа од социјалдемократите да не го опструираат донесувањето на државниот буџет за в година. Според лидерот на лозарите од Kавадаречко, Љупчо Аризанов, политиката на СДСМ не е во вистинска насока бидејќи несвикувањето на Kомисијата за буџет му штети на македонското стопанство.

– Нивните дневнополитички превирања и маркетинишките работи се одразуваат врз грбот на обичниот народ. Водат политика демек го почитуваат земјоделецот, но кога се на власт го забораваат. Тоа им е голема грешка, на времето Црвенковски одбиваше да ги прими земјоделците – нагласи Аризанов.

Буџетот да биде донесен што поскоро очекуваат и 600 земјоделци што не ги зеле ни субвенциите од 2011 година. Парите не им беа исплатени поради ненамирени давачки кон државата за закуп на земја, такса за наводнување и одводнување и кредити за земјоделска механизација. Но, долговите сега им се исплатени и субвенциите ќе треба да ги добијат од буџетот за в година.

– Апелираме да престанат кавгите на политичките партии за делбата на народните пари. Ако треба, пратениците да работат и дење и ноќе и до Нова година буџетот да се донесе – велат земјоделците.

Студот не е опасен за пченицата

Ниските температури, кои деновиве ќе паднат до 20 степени под нулата во Пелагониско, нема штетно да влијаат врз засеаните посеви со житни култури, соопштија од Сојузот на земјоделци.

– Снегот стигна како и есенскиот дожд, во прав час за посевите со есенските култури, пченица, пченка, јачмен, ’рж.. Ниските температури нема да имаат негативни последици врз житните култури поради снежната покривка, која се задржа по нивите и ќе ги заштити растенијата – изјавија земјоделците.

Жанета Здравковска, Светлана Дарудова

Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=F33FF531E4399D4CB397501C8A69F547

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …