Од МБПР очекуваат дека со стартот на сезонското примарно производство во март и април ќе се зголеми искористеноста на евтините кредити за агробизнисот кои се со каматна стапка од 3%.
Зголемен е интересот кај земјоделците и земјоделските претпријатија за користење на парите од евтината кредитна линија којашто ја обезбеди Владата преку Македонската банка за поддршка на развојот (МБПР). Ниската каматна стапка и поволностите за користење на 10,7 милиони евра се од голема помош за нив во услови на затегната политика на банките за одобрување кредити. Според последните податоци од МБПР, досега се повлечени се 3,2 милиони евра или една третина од евтината кредитна линија за поддршка на агробизнисот, а кредит добиле 11 земјоделски претпријатија. Во фаза на обработка се уште седум барања во вкупна вредност од 1,1 милиони евра коишто би требало да бидат одобрени во наредниот период.
Според информациите од МБПР, интересот е дополнително зголемен откако на почетокот на годината Владата одлучи да ја прошири кредитната линија и освен за финансирање на откуп и преработка и извоз на земјоделски производи, ја направи достапна и за финансирање на производство.
– Досега во МБПР се стигнати вкупно 36 барања за евтини кредити наменети за агробизнисот во вкупна вредност од 8,2 милиони евра, од овие барање досега се одобрени 11 кредити со каматна стапка од 3%, а 18 барања во вкупна вредност од 3,8 милиони евра се одбиени како некомплетирани – информираат од МБПР. Според податоците од банката, седум барања се во фаза на обработка, а уште десетина земјоделски компании пројавиле интерес за кредитната линија и а нив се подготвува документацијата.
Од МБПР очекуваат дека со стартот на сезонското примарно производство во март и април да се зголеми искористеноста на евтините кредити за агробизнисот.
Данаил Паланков, земјоделец од струмичкото село Муртино вели дека кај струмичките земјоделци има голем интерес за евтините земјоделски кредити. Тој досега не аплицирал, но има неколку проекти за кои размислува да побара кредитна поддршка за да ги реализира.
– Има интерес за овие кредитни средства од државата со ниска каматна стапка наменети за земјоделците и земјоделските претпријатија. Сакаат да аплицираат и се интересираат за условите што се бараат бидејќи имаат потреба од евтини кредити – потенцира Паланков.
Според него, единствен проблем со кој се соочуваат земјоделците се затегнатите критериуми, посебно во делот на обезбедување на хипотеки.
– Се бара големо обезбедување од земјоделците во вид на хипотеки, а проценителите многу ниско ги вреднуваат имотите, посебно во руралните средини и тешко кој земјоделец може да го обезбеди тоа – вели Паланков.
Од јуни, откако е достапна оваа кредитна линија, досега се одобрени 10 кредити во износ од три милиони евра, а во фаза на обработка се уште осум барања.
Намената на средствата се за преработка на грозје, зеленчук, житни култури, индустриски култури, преработка на месо.
По одлуката на Владата за проширување на кредитната линија, сега освен за преработка и извоз на земјоделски производи, кредитите можат да се користат за примарно земјоделско производство, односно за набавка на основни и обртни средства за растително и сточарско производство, како и за нова погонска приклучна механизација.
Средствата наменети за евтините кредити за агробизнисот ги обезбеди Владата преку докапитализација на МБПР и се пласираат директно преку банката, а не преку комерцијални банки. Каматната стапка е само 3%, а рокот на отплата е од пет години и грејс-период од една година за набавка на основни средства и до година и пол со три месеци грејс-период за набавка на обртни средства.
Александра СПАСЕВСКА
Извор: vecer.com.mk