Почетна / Вести Македонија / Забрана на пестициди за заштита на пчелите

Забрана на пестициди за заштита на пчелите

Европската унија се подготвува да воведе двегодишна забрана за користење пестициди, кои, како што предупреди Европската агенција за безбедност на храната (ЕФСА), претставуваат голем ризик за инсектите.

Во периодот од 1985 до 2005 година Европа загубила 16 отсто колонии пчели, а најголеми губитоци се забележани во Англија, Чешка, Германија и во Шведска, покажал проектот „Статусот и трендовите на европските пчелни колонии“ (СТЕП), финансиран од Унијата.

Европската комисија веќе бара од земјите-членки на ЕУ две години да забранат употреба на три пестициди кај културите што ги привлекуваат пчелите – сончоглед, пченка, репка и памук, изјави портпаролот на европскиот комесар за здравје Фредерик Винсент.

Агенцијата за безбедност на храната утврдила дека третирањето со тие три пестициди (клотианидин, имидаклропид и тиаметоксамон) може да им штети на пчелите што слетуваат на билките или се изложени на правот или капките од пестицидите.

Според оцените од проектот СТЕП, пчелите, вклучувајќи ги и дивите, опрашуваат 84 отсто од 264 европски видови посеви и 4 илјади сорти зеленчук, со што придонесуваат за економијата на ЕУ дури 22 милијарди евра.

За заштита на пчелите заинтересирана е и јавноста што покажува податокот дека над два милиона луѓе ја потпишале петицијата на интернет за итно воведување на забраната.

Инаку, за предложената двегодишна забрана за употребата на пестициди треба да се гласа во експертскиот комитет на ЕУ во текот на февруари, а во Европската комисија се надеваат дека предлогот на забраната ќе биде готов до март за да стапи во сила од јули.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …