Се намалува бројот на лозарите на кои винарницата „Винеа“ им должи пари за грозјето откупено пред неколку години. Винарницата веќе доби решение од Државниот инспекторат за земјоделство до 1 март да биде исплатен и последниот лозар.
– Им ветив на лозарите дека ќе помогнеме во рамките на можностите и еве за неколку дена трет пат сум овде, во Kавадарци. Упатуваме јасна порака дека нема да ги оставиме лозарите самите да се борат против своите проблеми. Напротив, како Влада, како министерство и како луѓе имаме одговорност да им помогнеме. На средбата од пред неколку дена увидовме дека с` уште имаше лозари на кои им должи од пред неколку години. Земјоделскиот инспекторат беше во посета на „Винеа“ и се детектирани сите лица на кои им се должи – изјави заменик-министерот Зоран Kоњановски.
Според најновите информации, околу 600 илјади денари им се исплатени на лозарите, а остануваат околу 2,5 милиона за наплата.
– Најлесно беше да им одговориме на лозаропроизводителите дека ние не сме надлежни и оти треба да ја тужат винарницата, дека судовите ќе си го средат тоа. Но, ние не постапивме така. И дури не се решат проблемите, дури не се исплати до последното зрно, ќе ги користиме сите расположливи инструменти што ни се на располагање како институции за да им помогнеме на производителите на грозје да си ги добијат парите што ги заслужуваат – нагласи тој.
Kоњановски информира дека согласно на ветувањата, годишната програма и законот, почна исплатата на субвенциите за 2013 година за површина под лозов насад кон лозарите.
– Законскиот рок за исплата на овие субвенции е до средината на 2014 година. Но, ние еве ги исплатуваме откако беа направени сите неопходни контроли – додаде тој.
Извор: dnevnik.mk