Вината “Вранец” и “Жилавка” на винаријата “Стоби” отсега ќе можат да се најдат во 15 маркети од ланецот Биннѕѕс Бевераге, кои се лоцирани во градот Чикаго и околината.
-На прагот сме на огромен предизвик – претставување и ширење со производите во една од најголемите држави – потрошувачи во светот, а истовремено и еден од пазарите каде потрошувачите бараат исклучително висококвалитетни производи, вклучувајќи го и виното. Првичната пратка која беше испратена за САД е целосно откупена од маркетите за алкохолни пијалаци и веќе втората пратка на “Вранец” и “Жилавка” е на пат кон Чикаго, за кој се надеваме дека ќе претставува само почеток на нашиот пласман на вина во Америка – изјави Лидија Трајковска, комерцијален директор на Перминдекс, во чиј состав е винарија “Стоби”.
Пласманот на вината на винаријата “Стоби” на американскиот пазар е дел од иницијативата Balkan Wine Project – платформа креирана со цел да презентира и пласира вина од винариите во регионот низ американските маркети специјализирани за алкохолни пијалаци.
Извор: vecer.com.mk