Почетна / Вести Македонија / Велешките производители чекаат милост од млинарите

Велешките производители чекаат милост од млинарите

Повеќе од три илјади тони пченица од производителите од велешкото село Иванковци, се уште чекаат да бидат откупени.

Мелничарите, како и досега, тактизираат. Наместо цените што ги одреди ресорното министерство тие нудат само девет денари за килограм лебно жито. Производителите пак, велат дека повторно се измамени и дека ни зрно пченица нема да им дадат по таа цена.
– Имам илјада тони пченица. Не им ја давам на мелничарите за девет или десет денари. Нека скапе, но нема да им ја дадам. Жално и срамно е што секоја година сакаат на нашата мака да печалат пари – вели Ивица Стојчев, еден од најголемите производители на пченица во селото Иванковци.

За цената што им ја понудија мелничарите родот не го даваат и другите производители не само од селото Иванковци туку и од Горно Оризари, Ново Село, Сујаклари. Ни рекоа дека од планираните 13.000 тони, колку што тежеше годинашниот род, мелничарите откупија само околу 5.000 тони. Го дале само оние што немале каде да го сместат.
-Што да правам. Немам каде да го сместам родот. Едни ми понудија по девет, други по десет денари. Го дадов за десет и тоа во млинара која целосно ми ги нема платено и минатогодишните количества на пченица. Не знам кога ќе ги земам парите. но едно знам, млинарите повторно не изиграа – вели земјоделец од Горно Оризари.

Производителите на лебно жито од Велешко отворено рекоа дека млинарите го надмудриле и Министерството за земјоделие кое ја донесе мерката за забрана на увоз на пченица од соседна Србија. Според договорот наместо 13, 14 и 15 денари да вреди килограм лебно жито тие сакаат родот да го купат по девет или најмногу десет денари. Излезот од ваквата состојба го гледаат во одлука на Министерството да ја продолжи забраната за увоз, а државата да откупи поголеми количества пченица за своите резерви.

Извор: vecer.com.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …