Почетна / Вести Македонија / „Вајнбоу“ почна со промоција на македонските вина во САД

„Вајнбоу“ почна со промоција на македонските вина во САД

Новата, добро подготвена кампања за претставување на македонското вино во Соединетите Американски Држави, ги даде првите резултати, преку претставувањето на вината на Стоби во синџирот продавници поврзани со големиот дистрибутер Вајнбоу.

Оваа компанија, која го покрива најважниот пазар за вино, на североисточниот дел на САД, овозможи за првпат македонско вино да биде достапно и во главниот град Вашингтон.

– Имаме 5.000 вина, а од пред неколку недели, за првпат имаме и две вина од Македонија, вели Џон Фитер од винотеката Мекартур во Џорџтаун, во западниот дел на Вашингтон.

Фитер вели дека со македонското вино се запознал на настан организиран од македонската амбасада и Инвестирај во Македонија, и се одушевил од вранецот на Стоби.

– Вината се добро прифатени, се продаваат побргу отколку што очекував. Мој главен впечаток, од претставувањето во амбасадата, беше дека за САД најинтересни вина ќе бидат тие со домашните сорти на грозје. Сите држави можат да садат каберне совињон, но мене жилавката и вранецот ми се видоа интересни. Добар пристап е да развиете квалитетно вино и потоа да се погрижите тоа да дојде до потрошувачите, да успеете да ве забележат. Вашингтон е добро место, ова е доста софистициран пазар за вино. Потрошувачката е повисока скоро од било кој друг дел на САД, и, плус, ова е меѓународен град, со многу луѓе од странство, поради амбасадите. Затоа, би рекол дека најдобри места да се почне се Вашингтон и Њујорк, вели Фитер.

Вината на најголемата македонска винарија, Тиквеш, веќе се присутни на американскиот пазар преку дистрибутерот Ерик Соломон. Вината на Стоби, пак, се промовираат во пакет со вина од Србија, Црна Гора и Хрватска, преку Балканскиот вински проект кој го водат Александар Крсмановиќ и Марко Бабсек.

Во разговор за МИА, Крсмановиќ вели дека гледа огромен потенцијал за македонските вина, а за „жилавката“ на Стоби вели дека во летните месеци ќе се продава „како вода“.

– Мислам дека досега немало толку сериозно подготвена соработка, со толку голема дистрибутивна компанија како што е Вајнбоу, со која го покриваме најважниот пазар за вино во САД. Соработката со Стоби ни е важна, пред се бидејќи се работи за винарија со голем капацитет, со четири милиони литри, која нуди одличен квалитет по прифатлива цена. Вранецот и жилавката ги продаваме за 10 долари по шише, што е конкурентна цена. Нудиме и неколку скапи, ексклузивни вина, по едно од Хрватска и Србија, а отворени сме за ексклузивни вина и од Македонија, но засега целта ни е да ги запознаеме потрошувачите во САД дека од Балканот можат да добијат многу добро вино по конкурентна цена, вели Крсмановиќ.

Лидија Трајковска, директор на винаријата Стоби, посоќува дека нивните вина од отворањето на винаријата во 2009 година се пласирани низ Балканот, Холандија, Чешка, Русија и сега во САД.

– Преговорите со Вајнбоу во САД почнаа во февруари, и првично нудиме сорти кои се карактеристични за балканските простори, како жилавка, ркацители, вранец и смедеревка, а во иднина секако тоа ќе се збогати со повеќе сорти од нашето портфолио. Првиот извоз за САД го реализиравме во септември. Сметаме дека пазарот во САД нуди бесконечни можности и сметаме дека имаме вино со одличен квалитет и цена, како и одличен партнер кој ќе даде придонес за доближување на нашите вина до потрошувачите, вели Трајковска.

Според Крсмановиќ, самото промовирање на балканските вина во САД ќе биде долг процес кој ќе бара големи инвестиции. Засега виното ќе може да се најде во стотина продавници поврзани со Вајнбоу, при што пред се треба да се запознаат продавачите со новите вина. Потоа, предвидено е претставување на вината во ресторани, во самите продавници, и на крај на винските саеми и во специјализираните списанија и блогови, а компанијата се промовира и преку фејсбук профилотhttp://www.facebook.com/Balkanwineproject.

– Предвидено е Вајнбоу да не поддржи и со промотивна кампања, но ова е процес кој ќе трае, со инвестиции, пари и знаење, малку по малку ќе го градиме брендот на вината од Балканот, вели Крсмановиќ.

Извор: http://kurir.mk/makedonija/vesti/94057-Vajnbou-pocna-so-promocija-na-makedonskite-vina-vo-SAD

 

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …