Во моментот во Босна и Херцеговина тегла од овој здрав производ се продава за 10 евра, во Србија чини 13 евра, додека во земјава квалитетниот мед е од 250 до 300 денари.
Обилните дождови, поплавите и малиот број сончеви денови годинава го урнисаа производство на мед поради што наскоро се очекува негово поскапување.
Проблемот е регионален, мед нема ниту во соседните држави. Во моментот, во Босна и Херцеговина тегла мед се продава по цена од 10 евра, а во соседна Србија чини дури 13 евра. Kај нас цената на квалитетен мед засега се движи од 250 до 300 денари за тегла, но производителите за кратко време очекуваат повисоки цени. Во Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека вршат континуиран увид во состојбата со мед и пчелни производи во земјава. Оттаму потврдуваат дека годинава треба да се очекува помало производство.
– Врз основа на информациите од пчеларските здруженија со кои Агенцијата има воспоставено соработка, годинава производството на мед во споредба со минатите години е намалено. За цената не можеме да коментираме бидејќи пазарот е слободен и тој самиот ќе ја регулира – велат во Агенцијата за храна.
Пчелите настрадаа од дождовите
Српските медиуми наголемо пишуваат дека годинава тегла мед чини исто колку и килограм месо. Според нив, мајските поплави предизвикале големи штети врз пчеларството во Србија, па производството на мед е драстично намалено. Српските експерти наведуваат дека освен поплавите, проблем за пчеларите се и обилните дождови во времето на цветање на медоносните растенија, па така багремов мед речиси воопшто ќе нема во продажба годинава. Во Сојузот на пчеларските организации од Србија минатата година собрале околу 3.000 тони багремов мед, а според истиот извор, оваа година производството ќе биде петпати помало, односно се очекуваат само триесетина тони.
– Минатата година една тегла мед се продаваше по 5 евра за килограм и цената беше слична насекаде во регионот. Според она што го гледаме на терен цената секој ден е с` повисока. Затоа се проценува дека цената на природниот мед драстично ќе се зголеми и ќе биде околу 10 до 13 евра за тегла. Според нашите производители, годинава ќе има само 15 отсто од ланското производство или помалку мед за дури 85 проценти – велат во Сојузот на српските пчелари.
Според претседателот на Сојузот, Родољуб Живадиновиќ, во мајските поплави настрадале 1.683 кошници.
– Вкупната штета поради уништувањето на пчелите и загубите од приносите на багремов мед се проценуваат на повеќе од 20 милиони евра – вели Живадиновиќ.
Недостигот од мед на српскиот пазар се очекува да се одрази и на остатокот од регионот. Ваквата ситуација на пазарот најмногу ја користат продавачите на фалсификуван мед, кои се обидуваат да го протуркаат како природен. Експертите велат дека фалсификувањето мед не е ништо ново и дека секоја година има повеќе случаи.
Запленети фалсификати
Во нашата Агенција за храна велат дека намалената продукција не е секогаш основа за пласман на пазарот на таканаречен фалсификуван мед. Медот е производ кој нема ограничен рок на употреба и резервите од мед со кои располагаат производителите може да ги продаваат во секој временски период.
– За да се спречи продажбата на производи кои се декларираат како мед, а кои не ги исполнуваат основните критериуми од Правилникот за квалитет на овој прехранбен производ, инспекциските служби на Агенцијата покрај редовните, вршат и засилени инспекциски контроли на производителите, преработувачите и трговците со мед и пчелни производи. Само во една контрола, извршена кон средината на јуни, на кумановските зелени пазари поради несоодветно декларирани или лажно декларирани како мед беа одземени околу 200 тегли мед – велат во Агенцијата.
Просечното производство на мед од кошница во земјава се движи околу 15 килограми во текот на годината, што значи дека годишната продукција изнесува од 1,9 до 2,1 милиона килограми мед годишно. Според процената на Агенцијата за храна, во Македонија има околу 140.000 пчелни семејства.
НЕРЕАЛНО НИСКА ЦЕНА – МОЖЕН ФАЛСИФИКАТ
Познавачите велат дека по вкус, мирис и боја медот може да го препознаат само искусните пчелари, а за останатите прв показател дека медот е фалсификуван е нереално ниската цена. Вештачкиот мед најмногу содржи кристален шеќер, како и пченкарен сируп кој се користи во кондиторската индустрија. Тоа се супстанции кои никако не се здрави и кои природниот мед воопшто не треба да ги содржи.
Извор: dnevnik.mk