Бараме од Дирекцијата за ветерина да се укине вакцинацијата за свињите против чума бидејќи и онака не можеме да извезуваме наши свињи во Европската Унија.
Тоа засега можеме да го направиме во Србија и во Албанија. Доколку не се вакцинираат свињите од чума, ќе можеме да извезуваме и во Грција, која би била добар пазар за нашите свињи – изјави Ефтим Шаклев, претседателот на Групацијата за производство на свинско месо при Стопанската комора на Македонија.
Производителите на свинско месо во државава бараат да се намали данокот за сточна храна од постојните 18 на 5 отсто. Во исто време бараат и сточарите да имаат предност во доделувањето државно земјиште. Гарантираат дека на таков начин ќе се зголеми и производството на свињи во државава, а и потрошувачката на свинско месо. Во Македонија годишно се трошат по 10 килограми свинско месо на жител, а во Европа просекот е 43 килограми. Земјава бележи и зголемување на извозот на сувомесни производи. Лани се извезени сувомесни производи во вредност од 40 милиони долари.
Извор: dnevnik.mk