Виното “Розе класик” од бербата 2012 на винарската визба “Тиквеш” е наградено со сребрен медал на меѓународниот натпревар “Le Mondial du Rose”, што се одржа по 10. пат во Франција.
Виното на Тиквеш” ја доби наградата во конкуренција од над 1.000 розе вина. На овој реномиран и високо специјализиран натпревар за розе вина се натпреваруваа винарници од 28 земји од светот, а најбројни беа винарниците од Франција, Шпанија и Италија, како и од Јужна Америка.
Квалитетот на вината го оценуваше стручно жири од 65 претставници од 18 различни држави со долга винска традиција.
“Тиквеш” беше единствената винарница од Македонија и регионот која доби награда на ова натпреварување. Од вкупните произведени количини на виното Розе класик” на Тиквеш”, околу 20% се пласираат на домашниот пазар, а останатите 80% се извезуваат. Во 2012 година продадени се 227.500 шишиња од ова вино.
Најновите истражувања на пазарот покажуваат дека розе вината се меѓу најтрендовските” вина во светот во последните дваесет години. Во време на криза кога продажбата на вино се намали, сегментот на розе виното остана стабилен и без никакви последици.
Три вина на “Тиквеш” добија и награди на регионалниот вински фестивал “Вино Балканика”, што се одржа во Велико Трново во Бугарија. Во конкуренција на вина од Романија, Турција, Бугарија, Грција и Македонија, виното Темјаника Спешл Селекшн 2012″ беше наградено со злато, а сребрен медал добија црвеното вино Барово” 2011 и Ркацители Спешл Селекшн” 2012.
Извор: vecer.com.mk