Оној што ќе понуди највисока закупнина, ќе ја добие државната нива. Мора да е регистриран земјоделец или да има фирма, а ако фирмата пропадне или земјоделецот престане да се занимава само со земјоделство, договорот му се прекинува.
Ова е само дел од измените на Законот за земјоделското земјиште, кој е во собраниска процедура, чија цел е да се надминат досегашните проблеми со издавањето под закуп државно земјиште, како што се неплатена закупнина, подигање едногодишни насади наместо повеќегодишни, немање елаборат и бизнис-план и слично. Според официјалните податоци, околу 48 отсто од вкупната површина на Македониј се земјоделското земјиште или околу 1 милион хектари. Од нив една третина или 521.000 ха се смета за обработливо. Државата поседува околу 20 отсто од обработливото земјоделско земјиште, односно околу 200.000 хектари. Со предложените измени на законот кандидатите во иднина ќе мора да достават банкарски гаранции во постапката на јавниот повик.
– Банкарската гаранција е всушност доказ дека понудената годишна закупнина од страна на избраниот најповолен понудувач ќе се реализира, односно дека закупнината навремено ќе се плаќа. Исто така со законот се предвидува во постапката по јавен оглас за големината на површината што може да се даде под закуп, освен постојните критериуми, основа да биде и расположливиот број добиток што го има барателот. Се воведува и можноста корисниците на закуп, кои од различни причини се бришат од регистарот на вршители на земјоделска дејност да можат да го пренесат корисничкото право на друг член на семејството под истите услови како во договорот, кој престанал да важи – велат во Министерството за земјоделство.
Заклучно со 2012 година, Министерството има склучено 6.712 договори за закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површина од околу 109.467 хектари. Дадените податоци не се однесуваат за постапката водена по објавените јавни огласи и јавни повици, а за кои поради распишаните избори не се склучени договори за закуп.
Надзор во спроведувањето на одредбите од законот и договорот ќе го врши Државниот инспекторат за земјоделство, а ако тој констатира состојби спротивни на законот и договорот, ќе го известува Министерството, при што договорот еднострано и целосно ќе биде раскинат.
– Во изминатиот период од Државниот инспекторат за земјоделство не се доставени предлози за раскинување договори за закуп по оваа основа, но истиот поднесувал пријави кон приватни лица што бесправно користат државно земјоделско земјиште – велат во Министерството.
Оттаму објаснуваат дека огласувањето државна земја ќе трае с` додека не се издаде и последното парче, кое може да се обработува. Според нив, од вкупното обработливо земјиште, најголем процент се ораници и бавчи или 424.000 ха, овоштарници 14.000 ха, лозја 22.000 ха и ливади 61.000 ха. Околу 51 отсто или 541,000 ха од вкупното земјоделско земјиште се пасишта.
Во Сојузот на земјоделци официјално велат дека нивни членови досега не ја злоупотребиле државната земја. Неофицијално објаснуваат дека имаат сознанија за ненавремено плаќање на закупнината и неинвестирање во бизнис-план.
– Никој од нашите членови не зема земја за потоа да не ја обработува или само за да земе субвенции. Kиријата е голема и ако не се обработува земјата, нема од што да се плати. Можно е да има и такви случаи, но до нас не стигнале тие информации – велат во Сојузот.
Земјиштето за обичните земјоделци се доделува со посебен начин на бодирање. Околу 60 отсто од бодовите се добиваат по местото на живеење, а четириесет по цената што ја нудат за закуп.
– За правните лица критериумите се построги и треба да имаат бизнис-план, цена на закупот, број на вработените лица во фирмата и други критериуми. Но за сметка на тоа тие добиваат поголеми парцели – објаснуваат експертите.
Извор: dnevnik.mk