Во селото Белчиште во близината на Охрид од јуни минатата година почна со работа свињарската фарма Папу која е специјализирана за одгледување свињи-мајки од расата “јоркшир” од светски познатата компанија Топигс генетика. За да бидат продуктивни, да растат побрзо и да бидат послушни, тие имаат посебни услови за одгледување, како што е на пример слушање на музика.
Во време кога здравата храна станува поретка и многу често се запрашуваме колку е безбедно и еколошки чисто јадењето кое го јадеме, веќе неколку месеци во Македонија функционира фармата Папу на која се одгледуваат здрави свињи-мајки.
На фармата на Папу свињите се одгледуваат со голема љубов, ги имаат највисоките стандарди за хигиена, а она што е најинтересно, секојдневно слушаат музика.
Вечер имаше можност прв да ја посети фармата и да се увери на стандардите и начинот на одгледување на оваа раса на свињи. За втор пат е во Македонија и тука е веќе 14 години. И она што го видовме не остави без здив.
Не пречека сопственикот Перо Мароски кој со години наназад е познат скопски угостител. Тој вели дека пред неколку години решил да изгради фарма која ќе биде во чиста и еколошка средина и на нејзе ќе се одгледуваат здрави животни по највисоки стандарди. Во комуникација со професорот Владо Вуковиќ од Земјоделскиот факултет во Скопје, започнал да го реализира неговиот план за изградба на фарма за одгледување на свињи-мајки од расата “јоркшир” од светски познатата одгледувачка компанија Топигс.
Секако изградбата на фармата, а притоа со запазување на сите потребни стандарди за одгледување на свињите му било потребно знаење кое го добил, посетувајќи неколку фарми во регионот и во Европа, коишто се слични како оваа што сега тој ја изградил во Белчиште. И, конечно, во јуни минатата година откако успеал да ја заврши изградбата на фармата, набавил 52 чисторасни свињи од расата “јоркшир” во фармата која е специјализирана за одгледување на високо квалитетни свињи-мајки.
Друг аспект е тоа што иако инвестицијата за фармата е прилично поголема, бидејќи се работи за специфичен начин за одгледување и висок здравствен статус, трошоците се многу помали, и од аспект на исхрана и од аспект на здравствената заштита бидејќи потребата за превентива и куратива се многу помали и следствено трошоците за таа цел.
– Овие свињи-мајки се врв во генетиката во светот и се со висок потенцијал за репродукција. Резултатите коишто ги постигнавме досега се прилично добри и ние сме многу задоволни. Иако ова е само почеток и е краток период од реализација на инвестицијата, скромно објаснува сопственикот на фармата.
Колку си подобар со животните, толку повеќе те слушаат
Фармата која се наоѓа на 800 метри надморска висина, опкружена со шума и чист воздух на прв поглед воопшто не изгледа како сите свињарски фарми кои многу често ги препознаваме по миризбата која ја создаваат.
– Вкупната инвестиција во изградба на објектот и набавка на свињите изнесува околу 600.000 евра. Се решив на овој чекор бидејќи сакав да направам нешто што никој досега не го направил во Македонија, а воедно ќе ги подигне стандардите на оваа индустрија. И во ниту еден момент не се посомневав во успехот, објаснува Мароски. Иако тој вели дека се уште е рано да се зборува за резултатите, сепак е воодушевен од она што го постигнале. Вели дека најголема заслуга за тоа има третманот кој овие животни го добиваат на фармата.
– Животните ги третираме со музика и на тој начин овозможуваме спокојна атмосфера за нив. Им пуштаме Боб Марли за да јадат повеќе, им пуштаме секси музика кога се осеменуваат, а кога се опрасуваат им пуштаме музика за медитирање бидејќи на тој начин се смируваат, вели сопственикот во шега.
Во моментот кога ние пристигнавме на фармата слушаа изворна македонска музика.
Она што беше специфично е тоа што оваа фарма освен сопственикот и двајца работници, нема други посетители. Условите за да се влезе во фармата каде што се одгледуваат животните се многу строги и не е дозволен пристап на други луѓе, освен ако не се претходно дезинфицирани и во изминатите три дена не биле во контакт со други животни.
– Максимално се грижиме за условите на фармата, не сакаме да направиме ниту еден чекор кој би бил штетен за продуктивноста и за здравјето на животните, потенцира Мароски.
Официјалната промоција на фармата ја најавува за втората половина на април кога ќе бидат посигурни во остварените резултати.
Фармата Папу е дел од големото семејство Топигс
Фармата Папу која почна со работа во јули 2013 година во договор со дистрибутерот на Топигс генетика, фирмата Еуроген од Скопје, Топигс Хелас од Атина изврши увоз на 52 чисторасни грла од расата “јоркшир”.
Внесеното стадо назимки за приплод е пристигнато од СПФ стадо (Специфиц патхоген фрее – слободно од специфични заболувања) или стадо со висок здравствен статус од официјално регистриран генетски нуклеус на фирмата Топигс Интернационал.
Во наредниот период ова чисторасно стадо, односно фармата Папу очекува официјално регистрирање според законот за сточарство на Македонија во регистарот на признати организации за одгледување на добиток за приплод при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Македонија. По овој период фармата ќе може да им понуди на домашните свињарски фарми назимки за приплод со висок генетски и здравствен статус. По завршување на законскиот карантин фармата започна со редовна работа и постигнатите резултати до сега ветуваат исклучително високо ниво на резултати во производството. Во однос на стандардите на работа, спроведувањето на селекциските методи и технологијата за производство Фармата Папу е веќе дел од големото семејство на фармите за одгледување во мултинационалниот систем на Топигс Интернационал со седиште во Холандија.
Извор: vecer.com.mk