Постојат сомневања дека има земјоделци што произведуваат храна и притоа имаат башка производство за сопствените потреби, а башка за на пазар.
Токму на земјоделските производи произведени на вториот начин, кои содржат повеќе пестициди, треба да им се стави крајот и да се убедат земјоделците дека здравата животна средина е многу важна за сите нас во синџирот на исхраната. Вака вели за „Дневник“ Роберто Паризов, претседател на кавадаречкото Здружение за заштита и унапредување на животната средина „Екоживот“.
– Народните приказни содржат многу мудрост. Во една од нив се говори како една лоша вдовица меси кравајче со отров за здодевниот бездомник, кој постојано бара храна. Случајно, од тоа кравајче подоцна каснува нејзиниот единствен син и умира. Така е и во нашиот случај. Земјоделците што ќе се обидат да направат малверзации при производството на, пример зеленчук, треба да знаат дека од тој што е наменет за на пазар може случајно да јаде нивен близок, на пример, кога е на гости – објаснува Паризов.
На нашето прашање за коментар на таквата појава, претседателот на Движењето на екологистите на Македонија, Ѓоко Зороски, од охридското еколошкото друштво „Грашница“ рече:
– Треба, пред с`, да работиме на терен. Тоа и го правиме, да бидеме со земјоделците бидејќи некои од нив с` уште не се свесни дека тоа што го произведуваат влегува во синџирот на исхрана што не е селективен. Загадувачите не познаваат граници или луѓе на позиција. Ние ќе бидеме на терен, а не во канцеларија – вели Зороски.
На средбата на членовите на Претседателството на Движењето на екологистите на Македонија од 11 града, која деновиве се одржа во Kавадарци, се разговараше за повеќе еколошки жешки точки во државата – загадување од индустриски капацитети, дива сеча, разни еколошки проблеми поврзани со водотеците и друго. Се бараа начини како да се решат таквите наталожени проблеми. Се потсети на велешкиот проблем со загадувањето, кој се провлекува во изминатите децении, со јаловиштето од топилницата, која за среќа не работи повеќе. Беше споменат и примерот „во Струмичко, каде што некои употребуваат прекумерни количини пестициди и минерални ѓубрива во земјоделското производство”. Се нагласи дека потребно е јакнење на свеста кај некои тамошни земјоделци. Во кавадаречкиот регион се спомна проблем со евентуално загадување со тешки метали. Проблеми има и на други места, без разлика дали со дива сеча или загаден воздух, кој се јавува во текот на зимата или повремено.
– Има и многу други проблеми што ги тиштат екологистите. Но, полека почнува да се решаваат – нагласи Зороски.
Направена е стратегија за решавање на проблемите. Екологистите од најстарото еколошко здружение во земјава се надеваат дека во најскоро време ќе извојуваат победа во битката против сите загадувања кои се од човечки фактор. Исто така се надеваат дека населението ќе биде поедуцирано за заштита на животната средина, која е најважен фактор за здрав живот. За решавање на еколошките проблеми потребни им се и пари.
Ненад Kоциќ, претседател на велешкото екодруштво „Вила Зора”, кажа дека Велес дише и веќе не живее на жабри.
– Воздухот и водата се во добра еколошка состојба, за жал единствено почвата ни остана загадена поради историското загадување и неможноста да се деконтаминира самата, како што тоа воздухот и водата го прават. Нашите активности се насочени сега токму тука, на подобрување на условите со почвата. Се надевам дека во догледно време и тоа ќе се реши – рече Kоциќ.
Тој нагласи дека нивните напори се насочени кон тоа да не се повтори неодговорноста од Велес во некој од другите градови во Македонија, кои се жешки еколошки точки.
– Да се има предвид дека луѓето имаат уставно право за живот во здрава еколошка средина. Будно се следи состојбата со жешките еколошки точки и нема да дозволиме да се повтори Велес ниту овде ниту на кое било друго место. Срамота е во 21 век да се немаат основни еколошки услови за живот – изјави Kоциќ.
Движењето на екологистите работи и на тоа да се привлечат нови членови.
Екоцентар на Kожуф
Во рамките на активностите на екологистите се планира формирање екоцентар на планината Kожуф во Kавадаречко, каде што би се држеле тренинзи и обуки. Учесниците би можеле да видат што значи недопрена природа наспроти загадените средини.
– Убавините и ресурсите, како и природните реткости во земјава би можеле да ги видат и странските екологисти што би дошле овде – рекоа екологистите.
Извор: dnevnik.mk